челен прид.

челен (прид.)

Митре и Коте го фатиле челното место на огништето и поднавалени на перници пушат; жените нешто си прикажуваат меѓу себе.
„Парите се отепувачка“ од Ристо Крле (1938)
Еден човек со скршена челна коска, и блед шофер, и полиција, и минувачи.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
А додека куршумот не му ја скршил челната коска го сонувал своето планинско село и својот црвен сетер во него. И некоја своја Марија.
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
Шоферот се обиде да закочи, кочниците диво чкрипаа, но сѐ беше доцна: изгазениот остана да лежи со скршена челна коска, неподвижен, без обвинување во очите.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Чекаше да се увериш дека под челнава коска не ми е сѐ како што треба.“ Полека го притеснуваше кон ѕидот на долгиот ходник и шуштеше несовладиво со силина на зовриена вода.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Сето тоа им го објасни командирот уште првото утро кога се повлекоа од челните ровови.
„Будалетинки“ од Мето Јовановски (1973)
На челниот дел од куќата, под стреата: срце, прстен, токосани раце, ангелче, венче, и во нив: почетните букви од името и презимето на домаќинот и годината на градењето; балкони: украсени со елементи од железо или ламарина во форма на триаголник, четириаголник, ромб, ромбоид, круг, трапез или со гипсени елементи во вид на амфори, во вид на подлактени раце или сосем едноставни со парапети кои завршуваат со коритца за цвеќиња; чардаци: долги колку што е долга и куќата, со пармаци, со плотици од костен, од даб, од јасика; на чардаците испуштени башлаци над кои висат мали куличиња низ кои може незабележено да се ѕирне во дворот, на патот, или во време на војни и арамилак, да се протне цевка од пушка и да се направи пусија; покриви: со рамни или со стрмни стреи, со испуштени чакми и кучиња, со поткренати маи како крилја од птица, со издолжени предни страни како козирка од капи, или прекинати со предниот ѕид што се крева нагоре за да го затскрие покривот; вратите: со една, со две поли, обични или со нутифедер, со украсни бордури на секоја пола, со надвратни прозорчиња застаклени или опшиени со мрежа за заштита од секакво гадурии; на вратите жапка или шуличе што се отвора со стап кој постојано е врзан на вратата, ѕвонец што ќе чукне потивко или посилно, резе со катинар или брава донесена којзнае од каде; прозорците: широки, европски, или пак тесни со по неколку крила доближени едно до друго за што подобро да ги осветлат просториите; оние што се на долниот кат и низ кои може да се ѕирне, заштитени се со железни прачки извиткани во разни форми; кај што нема железни пречки - дрвени капаци испукани од сонце и дожд, но кои ноќно време убаво ја затвораат куќата како дланки склопени на очи или како мравкини дупки.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Влегоа во гостинската одаја со долга трпезна маса и столбови од резба, шарен ткаен килим на подот, ѕидана печка во ќошето, тесни прозорчиња со бели платнени пердиња собрани на средината со ширит и запнати за рамката од прозорецот да влегува повеќе светлина; на челниот дел од одајата иконата на свети Наум со запалено кандило; на едниот ѕид стара слика на манастирот; на средината од масата свеќник со свеќи; на полицата над масата газјена ламба од бел порцелан.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
Оделе претпазливо кон челната двоколка и не знаеле дали гологлавиот човек со попска мантија под кожувот е мудар советник на туѓоселани или е дневен грозоморник што им смислил стапица.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Од темницата крај челниот ѕид некој се разврте, очигледно врз рогозина според шумовите што дојдоа, испушти една тешка воздишка а зад неа и зборовите Еве ни ја Македонијата наша!
„Исчезнување“ од Ташко Георгиевски (1998)
Веќе се пријавени петмина, но ние сакаме твоето име да заземе челно место!“
„Жената на белогардеецот“ од Србо Ивановски (2001)
Едо, меѓувремено,неколку пати погледна во полиците преку целиот челен ѕид со трите диференцијали некаде во средината и при секое сеќавање со глетката му се чинеше дека во тој миг ќе се сети на што таа глетка го потсетува, но не му успеваше.
„Продавница за љубопитните“ од Мето Јовановски (2003)
Зашто, бездруго тоа беше неговиот киоск, оти над челниот џамлак пишуваше на фирмата „нова” со мали и „Македонија” со големи букви.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
На челниот ѕид – во боја, портретот на Сталин, личен подарок. Електрична светлина и греење.
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
Многупати сум бил сведок на челни луѓе (и на аспиранти за челна позиција) во театарот, како и на актери, режисери и други кои, благодарејќи на вроден недостаток, не можат да кажат кога жанрот е чист, а кога е меланж.
„Календар за годините што поминале“ од Трајче Кацаров (2012)
На ѕидот, лево од влезот, голема воена топографска карта. Под челниот ѕид - долга маса.
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)