шајка ж.
шајкача ж.

шајка (ж.)

Одајата е наместена мошне арно, старовремски: десно насреде огниште, горе јашмак под кој оџакот е завиткан со завеса од шарена басма; од страните на огништето камари, исто така покриени со завеси од истата басма; назад два прозорци со завеси од истата басма, собрани до горе на плисе и прикачени на една шајка на средината, така што имаат изглед на плисиран полукруг.
„Антица“ од Ристо Крле (1940)
Врви Богдан Шишев од Витолишча за на пазар во Прилеп, а Стале од под дабот му нарачува: — Пак, земи Боше, печес везаници кромид, лук, некоа ока киселина, шеќер, пипер, шајки, резиња, риби, маслинки...
„Крпен Живот“ од Стале Попов (1953)
По дрвени клинови, по шајки исковани по штиците и диреците, висеа везеници црвен пипер, лук, кромид, врзопки од некакви суви, лековити треви од кои дедо му си вареше чаеви.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Сѐ што душичката му виде на Трајан, сѐ што му помина преку главата, само тој и коњот го знаат: и шлаканиците од старешините, и мајката и шајката што му ја караа, и душичката в нос што му идеше на тешките вежби и маневри - сето тоа, тој, кутриот коњ, го плаќаше: сиот бес и лутина на него го истураше.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
И чува господ: не ми влезе ни трн, ни срча, ни шајка во стапалото. Не се боцнав, не се пресеков.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Разбирам да е шајка, ја гледаш и знаеш на што удираш...
„Постела на чемерните“ од Петре Наковски (1985)
Зар со вакво чеканиште коваат вакви шајчиња?
„Постела на чемерните“ од Петре Наковски (1985)
Во дворот Јанчески дотрчаа жителите на Потковицата и никој, освен Турците, не веруваше во приказната што лелекајќи низ дворот ја огласуваа Јанческите: Руса нивна во визбата, на некоја шајка, си го огрубела лицето, за малку и виделото ќе си го осакатела, но и никој не ја оспори гласно.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Утрото ми кова шајки во очите. Птиците абортираат.
„МАРГИНА бр. 19-20“ (1995)
Со жилет ја разрежувам аортата. Во увото забивам голема шајка. Главата во должина ја сечам на два дела.
„МАРГИНА бр. 37“ (1997)
Малечкото огледалце обесено на шајка од десната страна на пенџерата го има превртено опаку за да не може да ѝ го враќа преправеното кадро, а ни природните огледалца од барите не ги оставаше да ја примат и да ја повратат, туку веднаш со чевелот или со стапот ги растураше.
„Исчезнување“ од Ташко Георгиевски (1998)
Сега Битола, со своите сто и дваесет илјади жители, беше станата стог сено во којашто секој поединец не беше баш игла ама не беше ни поголем од шајка во таа огромна грамада надојдена од селата.
„Продавница за љубопитните“ од Мето Јовановски (2003)
Еве за тоа што читаме во Мемоарот на Организацијата: На 23 април претпладне турски шајки, составени од професионални злосторници и крвопијци, следени од полициски чиновници и жандарми, без секаков повод и ненадејно, со бес и јарост се нафрлија врз христијаните низ битолската чаршија и, кого ќе сретнеа, го убиваа или рануваа.
„Солунските атентати 1903“ од Крсте Битоски (2003)
Сета беше обвиткана во бодлив тел, со безброј шајки кои го покриваа дрвото, а среде имаше еден џиновски ’рѓосан катинар.
„Ервехе“ од Луан Старова (2006)
Кога ќе ги подотвореше питите, оттаму ќе му замирисаше тестото на домашниот леб од детството што го месеше баба му и го печеше во домашната фурна двапати во неделата, а го држеше во дрвен сандак на ногалки и со дрвени шајки, покриен цело време (лебот) под цедило, ни исушен ни стврднат со денови.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Како креветот на кој лежи да е направен од шајки додека немирно се поднаместува за да ѝ направи простор во кој нејзиното тело најлесно ќе се припие до неговото.
„На пат кон Дамаск“ од Елизабета Баковска (2006)
Погледна во ќостекот што му беше свадбен подарок и кој сега го мереше времето во неговото одајче, закачен на шајка над неговото зглавје, но во густиот мрак не можеше ништо да види.
„Светилка за Ханука“ од Томислав Османли (2008)
Душемето одамна веќе беше скапано и повеќето распаднато и со неколку пармаци останати од оградата на чардачето што сега беа виснати држејќи се само на по една шајка.
„Човекот во сина облека“ од Мето Јовановски (2011)
Ама, нема да биде наведено дека во ходникот треба да направиш плакар од ѕид до ѕид, само за чевли, патики, штикли и чорапи внатре во секој чевел, заборавени, се разбира, и смрдливи, се разбира уште повеќе; и табла со шајки за сите комплети клучеви закачени заедно со „амбрелите“, и секогаш фали твојот клуч, нели?
„И ѓаволот чита пРада“ од Рада Петрушева (2013)
Во шталата остана само една крава и писул обесен на шајка кој кажуваше дека другата ја дал на партизаните.
„Последната алка“ од Стојан Арсиќ (2013)
Повеќе
FlexiMac
 менување на македонски глаголи