штета ж.
штети св.

штета (ж.)

Така и Силјан коњарецот, голема радост му се сврте на голема жалост, чунки од големата радост слегувајќи на земи не стори мукает да не го окрши шишето; да што рекле стари: "зла суправа – готова штета", така му се сторило и на Силјана, дека силно паднал на земи и го удрил шишето од каменот и го окршил парче по парче и водата се разлеала по каменот.
„Силјан штркот“ од Марко Цепенков (1900)
А кога им велите: штом востанието е општо од сите македонски народности, тогаш зошто Комитетот заседава само во Бугарија, а не и во Србија, Влашко и на друго место, тие одговараат вака: Од тоа што комитетите заседаваат во Бугарија погрешно е да се прави заклучок дека македонските комитети се бугарски; за македонските комитети Бугарија не е ништо повеќе од една држава што им укажува гостопримство на Македонците и им дава слобода да работат слободно до колку таа работа не ѝ нанесува штета на државата, т.е.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
По борбата на бојното поле ќе настапи време да се бориме на културна почва, и во тоа време, наместо да имаме можност да ги ползуваме плодовите од пролеаната крв и да напредуваме културно, ние и тогаш, како и сега, ќе треба на наша штета да ги помагаме ту српските, ту грчките, ту бугарските интереси.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Од сите преброени факти се гледа големата штета за нас Македонците од тоа што ние, или барем мнозина од нас, ги изедначуваме досега нашите интереси со општобугарските.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Од таа напара не го права сега тоа напарки — попреку нарилник — специјална направа која му се тура на добитокот на устата да не направи штета кога работи со него човек насадам — нафрлам снопје на гумното.
„Крпен Живот“ од Стале Попов (1953)
Таму ќе се згрнат децата, та иако заспие некое — нема штета, послано му е, ќе го завијат со некое куне и ќе си помине како секоја ноќ.
„Крпен Живот“ од Стале Попов (1953)
Бино потврди дека Крсте е одличен ученик и штета ќе биде да го напушти училиштето.
„Крпен Живот“ од Стале Попов (1953)
Бегот барал да му се плати штетата, па го пратил полјакот така да му рече на Лумана.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
Но многу повеќе за мојот срам: плачев и удирав до болка со тупаниците по меките лица на децата, ги кршев навечер туѓите прозорци, им нанесував штета на сите од улицата колку што можев.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Разбојниците им нанесоа голема штета.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Патема собраа со себе што најдоа: луѓе, стока, и за инает ги запалија сите посеви кои веќе чекаа срп и им нанесоа големи штети на селаните. – Море кој ги гледа штетите кога останаа главите – се тешеа селаните и еден по еден се прибираа по селата за да почнат нов живот.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
ЛУКОВ: Секој ден од неговиот живот е од непоправлива штета за нашиот народ.
„Црнила“ од Коле Чашуле (1960)
Штета ќе е од него да стане еден ништо и никаков занаетчија.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
— Како, бре слепци, баш ваа вечер најдоте да влезите кога мулазимот од Витолишча со педесет души аскер е в село? — му рече Митре на Илија и почна да се возбудува да не стане некоја штета баш тука, во селото, за кое тој одговара по две линии: како коџабашија пред турската власт, и како организациски човек — пред Организацијата.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Штета... Седнете, отпетлајте ги елечињата на градите: ќе ви испукаат гулабиците внатре затворени...“
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Каква штета... Замислете: дувачки оркестар во марш свири маршови тука, во Прењес...
„Постела на чемерните“ од Петре Наковски (1985)
Помош и разбирање немаше ни од својата сопствена жена која постојано му ја јадеше душата дека се зафатил со работи од кои нема никаква корист, а само штета.
„Јанsа“ од Јован Стрезовски (1986)
- Дедо сигурно ќе пукаше во неа со пиштол, - си велев, - и ќе беше ужасно возбудливо. Штета!
„Јас - момчето молња“ од Јагода Михајловска Георгиева (1989)
По овие наводи на пиротехничарот, првостепениот суд на повторното судење, реши Танаил да му плати на Китан 25% од вкупната штета на куќата - колку што експлозиите влијаеле на оштетувањето.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
Тоа исчекување како да внесе промени во нив, како да започнаа да стануваат подруги; не се расправаа, не се караа како порано за секакви и секојдневни работи: кој кому му пресекол дрво во забранот, кој во чија ливада пуштил добиток да пасе, кој кому му направил штета во нивата, чија кокошка снесла јајца во туѓа плевна, или претала во вртот, та била заклана, кој кому на славите и свадбите му опцул мајка, го плукнал или удрил; кој во чија жена зрчел и ја задевал; кој кого го поткажал на џандарите дека ја пцуел власта.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
Повеќе
FlexiMac
 менување на македонски глаголи
ДИГИТАЛНИ РЕСУРСИ НА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК