ѕидина ж.

ѕидина (ж.)

Седеа под сенка на ѕидините од еврејските гробишта и го слушаа далечното бревтање на сонливите возови.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Закотви се пред ѕидините на тајната.
„Младиот мајстор на играта“ од Александар Прокопиев (1983)
Често се пијанеа, меѓу ѕидините на тврдините, но и такви не можеа да го избегнат шумот на водената пустина. Беа отсечени, се раѓаа и умираа сами, беспомошни.
„Пловидба кон југ“ од Александар Прокопиев (1987)
Ја испружив дланката. Благото, освежувачко струење на ноќта ме водеше кон патоказ - зад портата, зад ѕидините.
„Пловидба кон југ“ од Александар Прокопиев (1987)
Најверојатно не се занимаваше со ништо, бидејќи внатре во ѕидините на Донскиот манастир можеше да се види и наутро, и преку денот, и навечер, единствено ако непрекинато работел во ноќната смена...
„МАРГИНА бр. 4-5“ (1994)
Второстепено влијание, барем за мене, имаше “The Wandering Scholars” од Hellen Waddell, препечатена во раните педесетти и значајна за младите поети од Средната генерација, кои во голем број ги напуштија манастирите и ги крстареа Европските патишта славејќи ги низ песна пошироките животни видици што ги откриваа надвор од своите академски ѕидини.
„МАРГИНА бр. 1“ (1994)
Лево исток, десно запад, центар им е кула сива, ѕидина од камен рапав, вардена од стража дива.
„Пупи Паф во Шумшул град“ од Славко Јаневски (1996)
Потем логотетот се созеде и почна со зборови најгнасни да фрла по сите нас, освен по Лествичникот; рече дека ќе нѐ распушти, дека ќе нѐ прогони од царството, дека имињата ќе ни одземе, прав и пепел дека ќе нѐ стори, дека за опашки од единаесет коњи ќе нѐ врзе и ќе нѐ влече сѐ додека трае животот на коњот, дека главите наши на кол ќе ги надене и на ѕидините од градот ќе ги истакне, како бајраци на срамот и лицемерието, на неверноста кон себеси, како пример за тоа што ќе ја снајде устата што говори она што не говори душата, и тоа пред тронот владетелски, царски!
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Нивните епитафи беа поставени на големите заштитни ѕидини, на големите камени блокови кои, така составени, претставуваа делови од разни писма.
„Тврдина од пепел“ од Луан Старова (2002)
Само да ја спротнеш раката низ прозорецот и ќе ја насетиш на јаготките на прстите подјадената од времето кошула на ѕидините.
„Летот на Загорка Пеперутката“ од Србо Ивановски (2005)
Александар не ја поднел разумно загубата на Хефестион, па наредил: Во знак на жалост на сите коњи и маски да им се истриже главата, на околните градови да им се урнат запците на ѕидините.
„Еп на Александар Македонски“ од Радојка Трајанова (2006)
Портата и ѕидините се накитени со разно оружје, и воени алатки, само топови нема толку многу како што мисли човек загледан од долу, од пазариштето. А зошто и да ги има?
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Брзина на светлината - Cour carré - Како што затвореник излегува на прошетка под надзор, сам и молкум да се насладува горко на дневната светлост инаку обична, тогаш света; како што несвесното си го подава грбот на есенското сонце да се згрее а лицето да остане темно, како Месечина од онаа страна на видливото; како што затрупаниот бунар посесивно и со мака ги чува подземните води усовршувајќи ја мајсторијата да ги заташкува трагите и да создава привид на секнат извор; како што квадратот е круг, и крст и триаголник, удвоен симетрично и синхронично; како што жената си краде од сонот за да добие време за да биде „нешто повеќе"; како што нема добивка ако нема загуба како што нема сенка ако нема предмет ; како што медитацијата бара отсутност при подотворена свест за светот и душа а енергијата е материја помножена со брзината на светлината на квадрат - така дворот врамен со ѕидини желно кон небото над Лувр зинува се простира префинето како акт на Роден или можеби на сестра му, Камила со намера да го покаже замислениот ерос на торзото видено одзади метатеза на тихоста манастирска и метрополска; - така стихијно надоаѓа тихиот дожд желбата да бидам во средиштето на симетријата бесконечен и рамнодушен број ослободена од суета, од неразумно самољубие зашеметена од ненадејната рамнотежа на крстот, на квадратот, на кругот и да се успокојам, ако веќе морам оти со толку тревоги од различно потекло добивам порив да излезам од себеси а потоа како ќе се сложам и составам во едно, знам ли?
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)
Во постари времиња и градската населба, како и засебно поставеното еврејско гето, се наоѓала зад ѕидините на венетската тврдина распослана на ридот, но со тек на времето, градот, како и секој жив организам, едностано ги премавнал високите камени огради и се источил кон морскиот брег.  Во главата му се појавува сликата на рабинот Елеазар Корео.
„Светилка за Ханука“ од Томислав Османли (2008)
Тие ѕидини, на кои дедо му живо се сеќаваше, беа битни делови на историската хроника на градот, а со тоа и на островот.
„Светилка за Ханука“ од Томислав Османли (2008)
Ме восхитува твојот говор без аскеза без пауза клесан ко глинен глаголски натпис обоен и обол, со густ внатрешен ритам на мит и лира на плот и жедба твоето лице ко отсутност изгребано ко ѕидини на древни светилишта од рески и црти шифри и датуми ко забранета и жигосана книга по којашто се топела душата и го прелевала својот акварел не повторувајќи ниту еден потег.
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)
Ова мора да биде разговор меѓу мене и тебе, затоа раскажувам и понатаму во прво лице еднина („Јас“ си Ти, и јас!): најдена среде ѕидините на манастирскиот двор излегов од себе, негде вон, неволно и брзо-брзо се прибрав како зрна жито расфрлени за колвање збирај-збирај, не се дособира!
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)
На врвот: карпести ѕидини , тврдина поставена на голема височина, во која сѐ има свое значење: Секој карпест стол или престол е направен со посебна цел.
„Ветришта“ од Радојка Трајанова (2008)
И покрај добрите односи на христијаните и јудејците коишто впрочем со векови живееа заедно на островот, ѕидините остануваа како наследство што потсетува на едно некогаш јасно и цврсто подвојување.
„Светилка за Ханука“ од Томислав Османли (2008)
Се препелкаше чудна светлина и некој топол флуид кружеше низ зачадените ѕидини.
„Читај ми ги мислите“ од Ивана Иванова Канго (2012)
Повеќе