и (сврз.) - штом (сврз.)

Штом е така и штом образувањето на народноста е политичко-механички процес, тогаш се имаат сите нужни услови за одделување на Македонија во самостојна етнографска област: Македонците имаат општа татковина, последнава постепено со реформи се одделува во самостојна политичка целина, во неа има „неколку колца од јужнословенскиот јазичен синџир”, тие колца многу лесно се обединуваат со општото признавање на средното од нив за општо орудие во искажувањето на литературната реч за сите интелигентни луѓе во Македонија и за во книгите и во училиштата.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
МАРА: Ништо, готови сме! Панде отиде да му ја извади зобницата на коњот и штом дојде нека ги земе пљачките и да кинисуваме.
„Парите се отепувачка“ од Ристо Крле (1938)
Та Илко носеше само ново откако умре Стојанка, и штом едни ќе се прокинеа, Митра ги оставаше настрана и вадеше од ковчегот други нови, што га беше донесла Стојанка, та одвај чекаше да се прибере некоја сиромашка и да ѝ го даде мажот и сета беља со него.
„Крпен Живот“ од Стале Попов (1953)
До година, штом јакиот студ ќе ја запре палавата лапавица и штом по соголените гранки јануари ќе го обележи својот пат со остри кристали од мраз, на ајдучката глутница ќе ѝ се придружат уште четири млади волци, ќе вијат по снежната пустелија, и кога ќе навлезат в трло, ќе ги исколат овците и со замрзната крв на своите муцки ќе се нурнат во маглите на планината.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Балонот е лесен како пердувка, и штом Зоки само малку ќе дувне со устата, тој се извишува уште повисоко – сѐ до таванот!
„Зоки Поки“ од Оливера Николова (1963)
Ќе ставеше во торбичката леб и вода, и штом трубата ќе писнеше за спиење, тој низ жиците се протинаше и лазеше низ тревата како дождалец додека се оддалечеше од касарната, и спраштуваше да го нема.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
И штом ќе ја кренат коњите опашката тие се стрчнуваат, со подлетнување, и од изметот ја колваат зопта. Кој ќе биде побрз тој ќе превари.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
И штом помислив така, се почувствував мал, зашто одеднаш пред мене чиниш се појави таа и ме гледа со своите големи сини , тивки и насолзени очи; ја чувствував топлината и горчината на мајкините солзи. Многумина како мене свртеа глави и многумина како мене се засркнаа од липање.
„Постела на чемерните“ од Петре Наковски (1985)
Карнаварата испушташе црвени цветчиња со кои ги намамуваше инсектите: кога ќе ѝ слетаа на листенцата, го затвораше цветот и ги впиваше во себе, ги смукаше; сувоземната утрикуларија лисјата ги свиткуваше во вид на труба, на уста, и штом ќе влезеше некој инсект внатре - таа го затвораше како во стапица и го цицаше со своите ситни влакненца; водената утрикуларија испушташе тенок леплив меур на кој инсектите како на смола се лепеа останувајќи заробени.
„Јанsа“ од Јован Стрезовски (1986)
И штом било така, требало по секоја цена да се исползува случајот што процесот ќе се разгледува од граѓански суд, на кој ќе биде присутна публика, новинари, како и некој од драгоманите или секретарите на европските конзулати во Солун, за да се каже вистината за движењето.
„Солунските атентати 1903“ од Крсте Битоски (2003)
Дојде момент за мојата омилена тема - мачката, и штом се реализира сѐ така по ред и малото тробојно топче ми заспа во рацете, кивнувајќи неколку пати и притоа испуштајќи по некое кломбурче млекце низ носето од првиот оброк со локање, јас се вдадов нашироко да распредувам.
„Братот“ од Димитар Башевски (2007)
Му реков: Јас се договарав со него, велам, и штом се заврши уредувањето на гробот, ќе треба да се спремам и еден ден да заминам.
„Братот“ од Димитар Башевски (2007)
Околу пладне, штом ќе е готова летната манџа, и штом ќе се курдиса сонцето како што треба, младите охридски мајки (што не значи дека во Охрид нема од стара мајка деца) ги дотеруваат бебулињата, ги сместуваат удобно во количките кои задолжително имаат чадорче или нешто друго за да им држи сенка, па полека тргнуваат кон езерото.
„Светилничар“ од Ристо Лазаров (2013)
- Сѐ подготви и штом падне мракот, со камиони, со мазги, коњи, магариња, волови, на рамо, на плеќи да почнеш да пренесуваш оружје. На извршување!!!
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
FlexiMac
 менување на македонски глаголи