вознемири (гл.) - или (сврз.)

Моето правило на играта беше крајно едноставно, беше убаво, глупаво и тиранско: ако некоја жена би ми се допаднала, ако би ми се допаднала жената што седи наспроти мене, ако би ми се допаднала жената што седи наспроти мене крај прозорецот, ако нејзиниот одбледок на прозорецот го вкрстува погледот со мојот одблесок на прозорецот, ако мојата насмевка во прозорскиот одблесок го вознемирува или му причинува задоволство или му станува одбојна на оној женски одблесок врз прозорецот, ако Маргарита ме види како ѝ се насмевнувам на Ана а Ана ја наведнува главата за внимателно да може да го испита затворачот на својата црвена чанта, тогаш имаше игра и тогаш беше потполно сеедно дали насмевката ќе биде уважена или возвратена или занемарена, првиот став на обредот и не оди подалеку од тоа, од насмевката што ја лови оној што и ја заслужил.
„МАРГИНА бр. 6-7“ (1994)
Се печеа на сонцето во жешко време, се пикаа еден во друг кога ќе застудеше навечер, се покриваа со ќебиња и мутафи кога ќе заврнеше дожд и стануваа жива вода; кога ќе заплускаа громови крај нив, се крстеа и го молеа бога да ги одминат; дење ловеа риби, ги следеа со очи облаците кои се згуснуваа и разретчуваа, го гледаа нивното престорување во некакви чудовишта и нагаѓаа ќе има ли дожд или не; го гледаа сонцето кое час се заплеткуваше во облаците, час подизлегуваше за да светне и да покаже дека е тука; ноќе пред за заспијат гледаа во ѕвездите, кои како што одминуваше ноќта, сѐ повеќе се намножуваа и стануваа поголеми и како да се спуштаа надолу; ја гледаа месечината која секоја ноќ се тенчеше и го изоструваше својот светол срп триејќи се од облаците; го слушаа секој шум на водата што во ноќната тишина јасно се разносуваше час потивок, чад посилен и по него дознаваа дали езерото ќе се вознемири или не.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)