заоѓа (гл.) - сонце (имн.)

Далечниот Пелистер одвај се оцртува, нежно, бледолилав, крушовските планини, таму кај што заоѓа сонцето, ги прекрива просто една трепетна виолетна завеса, сенките наваму стануваат сѐ поизразити и позатворени, се гледа секое прозорче во градот, во кој се издига на безбројно места темното зеленило на тополите.
„Послание“ од Блаже Конески (2008)
Планината отаде шумата пламна во пурпур. Заоѓа сонцето.
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
Потајно улам на тебе, на твојата скришна насмевка, на твоите усни во кои заоѓа сонцето, улам на строгоста на твојот збор, на твојот рапав глас, улам на твојот поглед насочен како стрела кон сонцето.
„Љубопис“ од Анте Поповски (1980)
И како заоѓа сонцето – така почнува да врне, лие врз книгата, ги брише буквите - не може да ги откорне крстовите.
„Љубопис“ од Анте Поповски (1980)
Како заоѓаше сонцето, како гаснеше, усамен младич си пееше низ долината и нешто молеше.
„Љубопис“ од Анте Поповски (1980)
И чувствувам како заоѓа сонцето зад ридот како да заоѓа во мене.
„Липа“ од Матеја Матевски (1980)
Да седам на табуретка во маало со саати, да гледам како заоѓа сонцето.
„Буре барут“ од Дејан Дуковски (1994)
Беше предвечер, заоѓаше сонцето. ...
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
Трендафил е од Секулево, живееше од другата страна во улицата Колишевски, една куќа потаму, на кај што заоѓаше сонцето, со две помали братчиња и со мајка си.
„Исчезнување“ од Ташко Георгиевски (1998)
Како што седев јас така на кланикот пред огништето, таа, баба ми, се расчекорила неспастрено, и јас како среде бел ден ја видов докрај меѓу нозе, целата како подопалена од светењето на огнот, како кога заоѓа сонцето премрежено од облачиња.
„Човекот во сина облека“ од Мето Јовановски (2011)
Зошто надоаѓа како да доаѓа од бестрага од кајшто заоѓа сонцето кајшто земјата и небото исчезнуваат како играчка зафрлена во потонот на баба?
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)