извира (гл.) - од (предл.)

Песната извира од длабочината на поробениот Македонец, со векови пластена во неговата душа и се лее, се шири и далеку се носи низ пиринскиот крај на Македонија.
„Гоце Делчев“ од Ванчо Николески (1964)
Солена пот им се лее од нивните поцрнети лица.
„Гоце Делчев“ од Ванчо Николески (1964)
Рада не можеше веќе да се воздржи. Поројот солзи извираше од нејзините очи.
„Последната алка“ од Стојан Арсиќ (2013)
Впрочем и не би можел да не се помамам по зелената боја кога таа не наидува туку извира од мене, од срцето ми извира, од сржта на она што сум јас.
„Балканска книга на умрените“ од Мето Јовановски (1992)
За Ели денот почнуваше со песнички, што како да извираа од устата на Вера, со топол појадок, со безброј сликовници и книшки.
„Друга мајка“ од Драгица Најческа (1979)
Нејзиниот шепот извира од мене и само јас и ноќта можеме да ја измислеме прикаската на еден живот. Бремена или само неколку часови леунка?
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Зошто водата сѐ погоре му растеше, небаре извираше од вечен извор, та му ги зафати колениците, колковите, па мевот и папокот, и му се качуваше кон брадата за да го удави?
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Извира од мене како обилен вруток и се шири насекаде.
„Читај ми ги мислите“ од Ивана Иванова Канго (2012)
Песната ѝ извира од срцето што ѝ крвави.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Се смееше на сето она, што го доживеа минатата ноќ и оваа утрина, а смеата сѐ уште продолжуваше да извира од него во палави клучеви и не сакаше да престане.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Но татко ми, ако имаше нешто наследено од источната мудрост, беше чувството за спокој, трпеливост, кое извираше од една урамнотежена и припитомена фаталност, со која ја смируваше западната забрзаност.
„Потрага по Елен Лејбовиц“ од Луан Старова (2008)
Знам и дека си простивте една на друга засекогаш оти кога ја крена главата и пред да ги спуштиш твоите усни врз нејзините, целата икона на Богородица се осветли од светлината што извираше од твоите очи! Сите жени се потргнаа, а и јас со Пеличка.
„Црна билка“ од Ташко Георгиевски (2006)
Привиденијава висеа и покрај ѕидовите; или неочекувано ќе се појавеа на премините; а напати ќе се здадеа од подотворените врати и на чуден начин ќе ги извиваа долгите вратови заемени од некои непознати видови животни.
„Летот на Загорка Пеперутката“ од Србо Ивановски (2005)
При ова патување речиси постојано се среќавав, дури и се судрував со чудни фантазмагорични привиденија, чии што контури повеќе потсетуваа на кукли што ги гледаме по излозите но со подвижни екстремитети, со лица што се смеат додека очите плачат, дури и со зборови што не беа кажувани туку едноставно извираа од утробите на овие креатури.
„Летот на Загорка Пеперутката“ од Србо Ивановски (2005)
Луѓето брзо се организираа и во прибирањето на млекото што извираше од земјата.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Луѓето се прашуваа – како може млекото да извира од тврдината?
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Долу планинската река, која извира од Караорман, стрмно се слеваше и бучеше.
„Волшебното самарче“ од Ванчо Николески (1967)
Чашите имаа златни венчиња што правеа иста целост со виното.
„Црни овци“ од Катица Ќулавкова (2012)
Студот извираше од нејзините камени сводови.
„Црни овци“ од Катица Ќулавкова (2012)
Мајкината рационалност, која извираше од конкретното соочување со животот на новото семејство, убаво се усогласуваше со Татковата наклоност кон мистичноста.
„Ервехе“ од Луан Старова (2006)
Од куќите излегуваат здрави и болни, се извираат од под чардаците, се пореваат меѓу јалиците, како да излегуваат од земја, од никаде.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)