помине (гл.) - преку (предл.)

За Словените повеќе зборуваат од сите други народи, освен Србо-Хрватите и Бугарите, зашто сите други вистина поминаа преку Балканскиот Полуостров, но и си отидоа од него.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Дека не е доволно идејата да сме ја мислеле, треба да сме поминале преку. 10 Margina #8-9 [1994] | okno.mk
„МАРГИНА бр. 8-9“ (1994)
Пашата поминал преку Битола... Стасал во Прилеп. И сега...
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Но играта беше и повод да си прикажуваат за нивните балкански алови, без страв дека отворените и смели зборови ќе поминат преку тарабите на куќата крај реката.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)
Е, си рекол, еве со чунката ќе поминам преку водата.
„Крстот камбаната знамето“ од Мето Јовановски (1990)
Си ја избриша десната дланка од предниот дел на кошулата и ја фати раката на девојката за да ѝ помогне да помине преку калта, која сѐ уште беше леплива од вчерашниот дожд.
„Невестата на доселеникот“ од Стојан Христов (2010)
Нема човек кој во младоста не поминал преку тие мостови.
„Читај ми ги мислите“ од Ивана Иванова Канго (2012)
Една летна вечер, кога тих ветерчок им ги мрсеше косите на тополите, зашепотени нешто весело меѓу себе, кога штурците застругаа по жиците од своите тамбури ако некој поминеше преку старото дрвено мовче кај бавчите, можеше да види како накај Аврамовата колиба нечујно се приближува нечија сенка.
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
Кога помина преку неа, Мече се наведе како божем ќе поправа нешто на количето.
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
Еден шрапнел ѝ поминал преку градите и ѝ го зел гласот, целата појава.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Рафалот беше му поминал преку целата слабина зад мене.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Помислувам дека сите години одеднаш ми поминале преку глава.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Сѐ што душичката му виде на Трајан, сѐ што му помина преку главата, само тој и коњот го знаат: и шлаканиците од старешините, и мајката и шајката што му ја караа, и душичката в нос што му идеше на тешките вежби и маневри - сето тоа, тој, кутриот коњ, го плаќаше: сиот бес и лутина на него го истураше.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Иако за него се грижеше Митра, баба му, откако се преселија во една од долгите бараки, инаку штали порано, Дончо уште првите денови заталка низ Острово, откри дека ако се оди на онаа страна каде што изгрева сонцето се стигнува до една огромна огромна вода што изгледа како сиво платно на кое не му се гледа ни почеток ни крај ама некој од кај сонцето како да го влечи влечи и се потсетува дека од Митра е предупреден да не се приближува до каналот оти и во плитка вода човек можел да се удави, башка што змија може да ти се замота околу нозете или крастава зелена жаба да ти скокне в уста, ама за оваа огромна вода никој ништо не му рекол и по долгото клечење крај неа заклучи дека ова не треба никому да го кажува, да си ја чува како тајна само негова и тргна по патчето крај неа совладувајќи некои грмушки, некои корења, надолу надолу дури до онде каде што таа голема вода се сретнуваше со една малечка рекичка покриена со врби и кој ти знае уште со какви дрвја, водата од малата рекичка бистра па се гледаше сѐ под неа и сакајќи да помине преку неа за да го следи брегот на големата вода откри дека почна да му се качува до кај колената и се сети на предупредувањето од Митра дека можеби ова е каналот и дека во плитка вода човек може лесно да се удави па се подврати, е, кога веќе го нема човекот што го трга сивото платно, поарно е да го фати ова патче што оди нагоре покрај малата рекичка следен од крекање на жаби и чрчорења на секакви птици горе во дрвјата.
„Црна билка“ од Ташко Георгиевски (2006)
Меѓутоа, на лаичката публика што не располагаше со такви сонди за да продре толку длабоко во историјата на уметноста, ѝ остануваше или со бегол па и презрив поглед да помине преку мачканиците на платната или да се препушти на начудувањето пред ѓаволското оро од богатство до експлозија на бои, во кои можеше да си замисли или препознае што сака: расцветан трн, изгниен чинар, скршена играчка, дел од човечки лик со око во уплав.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Ќе почне од трубите и од бунарот, ќе помине преку петшест среќни и несреќни судбини а нема да заборави да го спомене и војводата Каменчо, од турско, оној што не дошол да ги одбрани од срџбата на зулумќарот Ибраим кој ги прогнал од родното огниште горе на Плачковица.
„Жената на белогардеецот“ од Србо Ивановски (2001)
Тоа се случи многу подоцна, сине, толку премрежија ни беа поминале преку глава.
„Жената на белогардеецот“ од Србо Ивановски (2001)
- Солзите, Стојно, ѝ велам, и огнот што помина преку мене, ѝ велам, а Стојна само ме пофаќа, како красти и сипаници да фаќа.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)