сум (гл.) - живее (гл.)

Јас помнам многу од семејствата и луѓето со кои сум живеел во детството и мојот однос е можеби конзервиран на тој поглед од детството, а ти можеби Маказар го гледаш ем поотворено, ем покритички.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Кога наближив кон една долина криена меѓу плодови од лимони, грозје, портокали и смокви, кога го здогледав морето и кога застанав на брегот, почуден си реков: „Господе, како да сум бил тука, како да сум живеел тука на овој брег, до оваа стена и пештерата издлабена во неа, до манастирот и кипарисите извишени крај него, до параклисот од левата страна, полеан со молитвите на калуѓерите кои со запалени свеќи влегуваа и излегуваа од него, помазан од звукот на камбаната и клепалата.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
Не можев да сфатам во што сум живеел, во каков кафез; не можев да сфатам дека таа лажна граница на космосот што ја поставаат системот, политиката, општеството, сведувајќи го целиот раскошен космос на три зони: секс, политика и економија, може до толку да ги затапи сетилата на човекот, та овој да престане да го гледа невидливото: подвигот, она зад онаа страна на нештата.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Морав да признаам дека не сум знаела со кого сум живеела или, не дека сосема сум била лишена од предупредувањето на мојата интуиција, од предупредувањата на моите соништа, а и од конкретни факти, но дека сето тоа не сум го пуштила сосема да продре до мојата свест за да може да бидам онолку потресена колку што било неопходно, и да го преземам она, што било потребно.
„Братот“ од Димитар Башевски (2007)
Само детето ми е доказ дека сум живеела.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Изгледа дека некогаш сум поминал таму. А може да сум живеел таму.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)