украде (гл.) - клуч (имн.)

Оној ден кога се слушна дека ќе дојде Филозофот, отец Стефан Писмородецот, насетувајќи разобличување на лагите негови, побара од мене дејание нечесно да сторам: да го украдам клучот од Јулијан Граматик, во библиотеката на семинаријата да влезам, и да му ги донесам од таму претсмртните ливчиња на неговиот отец, Мида.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
И видение јасно, светлина силна во умот ми се јави, па се состави мозаикот: ми стана јасно од какви причини го немало Лествичникот на закопот од неговиот татко, и разбрав дека отсуствувал шеесет дни и шеесет ноќи, токму колку што треба за да се потроши под нозете патот до Дамаск и назад, ми стана јасно дека го украл клучот од западната одаја, од рубата на неговиот татко пред овој да се упокои; и дека златниот клуч е умножение, дело на рацете на Амореецот; ми стана јасно дека Лествичникот, откако направил умножение на клучот, го вратил изворниот клуч во одајата на неговиот упокоен татко, и дека од тагата по таткото овој се лишил, само за клуч-близнак од одајата кобна да поседува.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)