ги (зам.) - прошета (гл.)

Краците на Халкидики ги прошетаа и во должина и попреку.
„Последната алка“ од Стојан Арсиќ (2013)
Некои сопственици болно го доживуваат тоа: навраќаат, ги успокојуваат или ги земаат малку да ги прошетаат надвор додека се смират.
„Животраг“ од Јован Стрезовски (1995)
Деновиве носев маичка со ликот на Корто Малтезе на неа, на што Карло страшно се возбуди: започна одоколу да ги испитува моите познавања на тој (во Америка малку познат) стрип-јунак, па кога виде дека сум фан исто колку и тој, започна да ми раскажува за своето пријателство со цртачот Хуго Прат, за некој филм што требале да го работат заедно, за тоа како животот на големите автори не е ниту малку идиличен како што се идилични приказните за нив, за тоа како Хуго многу пиел и јадел и имал срце за целиот свет, ама не и за насобраниот холестерол, за неговата смрт и спомените што зад себе ги посеал, за тоа како Корто сите други континенти ги прошета и во Северна Америка сепак не стапна, а пак нас водите на животот токму на овој брег нè исфрлија...
„Бед инглиш“ од Дарко Митревски (2008)
Летка не ѝ се спротивстави на неговата намера, но тој, бидејќи не знаеше колку е сериозен разговорот што таа го води, помисли дека можеби претерува па почна повторно да ѝ ги закопчува панталоните поттргнувајќи се од нејзиниот задник и повлекувајќи ги дланките кон слабините со намера да ги прошета нагоре за да не ѝ помислат дојките дека ги заборавил. Најмилото е најсуетно...
„Продавница за љубопитните“ од Мето Јовановски (2003)
Спиев со Ина, се парев со неа, ја обожував; по три месеца изведување на точката со скалата, веќе вежбав на трапез и станав третиот во точката на Ина и Светлана; ги прошетав сите европски градови; читав многу и се дружев со вистински луѓе, носев вистинска облека и пиев вистински вина; потем раскинав со Ина и своите потреби ги задоволував со многу жени од надвор; но со Ина останав сврзан со папочна врска и натаму, и вообичаено, спиев во нејзината приколка. Таа ми беше спасител; сѐ на овој свет.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Си ги прошетал нивјето негови, си ја прошетал куќата, и најпосле летнал и отишол дури на манастир на Богородица на Трескавец, та застанал на кубето од црквата и многу ѝ се молил на Богородица, за да му поможе да појде на штрков вилает и пак да си дојде и човек да се стори, та три години ќе служел на манастирот.
„Силјан штркот“ од Марко Цепенков (1900)
Децата се растрчаа и набргу имаше сѐ што требаше за една леса врз која го наместија дедо Костадин и врз рамењата на Танаско, на Друже Србине и на некои други, му ги прошетаа очите по бистрото и сино небо од станицата сѐ до куќата на која не требаше да ѝ се отвораат вратите и прозорците оти уште од кога замина бабата Петра тие зееја со пустошот во себе.
„Исчезнување“ од Ташко Георгиевски (1998)
Добро е и дечињана да ги прошетам во што поголем круг, дури и околу фабрикана!
„Исчезнување“ од Ташко Георгиевски (1998)
– Јас мислам да се направите дервиши, или калуѓери како ги викате вие, и да ги прошетате тие злогласни села, сетики ќе можете нешто да исчепкате.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Додека зборуваше очите ги пикаше во темниот агол на одајката, набрзина ги прошета по лицата на сите, а потоа ги врза за темницата чиниш аголот и темницата во него се некое огледало во кое гледа некои други, дамнешни лица, а не овие што се сега пред него.
„Црна билка“ од Ташко Георгиевски (2006)
Но откако ги прошета и двата ката отворено им призна дека е пријатно изненаден од начинот на кој е изведена адаптацијата и тоа без стручна помош.
„Желките од рајската градина“ од Србо Ивановски (2010)
По прочитувањето на горниов дел од записот професорот Седлов ги крена очите од текстот и ги прошета по разретчената со слушатели сала.
„Желките од рајската градина“ од Србо Ивановски (2010)