еден (зам.) - на (предл.)

— Ајде, Пеце и ти Трајче, одете еден на Пешча, еден на Црквишче — да вардите да не се врати муљазимот однекаде, та да направиме ошче денеска попара без мас.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Сиве рипна од масата и се загна кон Тодора, уверен дека е некоја шега, какви во разни случаи правеа мариовците еден на друг.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
— Каде Толе, кај сакаш на конак да бидиш денеска? — го праша Илија Толета. — Нема кај сакам, другари!
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Оттука е јасно оти добро разбраните интереси на Турците и на Македонците им диктираат не да си ги трошат нивните сили во меѓусебна борба во полза на заедничките нивни непријатели, ами да си подадат еден на друг рака и да ги отстранат сите фактори што им пречат во нивните пријателски односи и заеднички интереси.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Сега не беше младич, но она ластарестото сѐ уште ја оптегнуваше неговата тенка, пегава става во излитена англиска блуза со боја на пожолтени дабови лисја, а Змејко немаше време да направи ниеден чекор кон таму, кога оној веќе стоеше до него, во средината на таа група крај колите и тие си ги тресеа рацете еден на друг со онаа наеднаш повторно родена жестокост, која сѐ повеќе растеше и стануваше пак дива и разврескана во нив, продолжувајќи сето време да се потчукнуваат по рамената, уште пожестоко, а денот дури сега навлезе во неговите очи и го заслепи, просто го исполни сиот, така што тој сега речиси сети како е тесен во себе за да го прими тој убав планински ден наоколу, додека некој од селаните крај него рече: „Змејко е печен, вечер се запишува в Задруга“, а тоа сега воопшто не беше важно, беше толку далечно од него, како да било во еден сосема подруг живот.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Си дишеа еден на друг во тиловите, наслонети над сите цепутки на бараките.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Се товарат ранетите во возови; трчаат болничарите и со вар испишуваат крстови по вагоните; внатре вагоните се послани со слама; ранетите си помагаат еден на друг: ги подаваат рацете или патериците и ги прифаќаат оние што со мака се качуваат во вагоните; во далечина екнуваат пукоти, наредба е што побргу да се трга.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Се разбрале меѓу себе со таен јазик на срцето, немо, скоро со вештина на ѕверови и со трепет што минувал од еден на друг: да се истрае, да се стори она за кое сите како еден на поаѓање дале клетва пред Успението Богородично на живописецот Михаило.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Тие му го слушале болното завивање и ги гонеле ребрестите ѕевгари, сега дваесет и петмина со еден на носилка од две долги габерови стебла и од черга, сите сенки со душа и со дваесет запреги.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Тогаш од пепелта на самотијата се зададе Давид, на мнозина им се стори малку подгрбавен и омлитавен, киниса средполе, однапред отпишан и прежален од сите, да му се истопори еден на еден на титанот, мечка страв мене не страв, нешто си мрмореше самиот на себе додека ја токмеше прачката, срдито си велеше доста тука се пееше прачка имам кураж немам, време е да има варено млеко за нашите деца, време е на пазарите да има и цреши без црви и со црешови семки да се запише дека тука нешто вистински постоело.
„Светилничар“ од Ристо Лазаров (2013)
Беше навистина еден на еден. Мал, мал ама техничар, Давид го плесна со каменот од прачката Голијата средчело, сѐ се заврши мигум, Давид мигум фрли поглед кон скришната ѕвезда на небото и додека сите вџашени се прашуваа до прачката ли е, до каменот ли е, до раката ли е, мрзоволно киниса накај дома, како што денешнава младеж пред полноќ мрзоволно се качува на последниот автобус за приградската населба.
„Светилничар“ од Ристо Лазаров (2013)