ја (зам.) - дотерува (гл.)

Кога се покажав на вратата од дневната соба, ја здогледав Гала седната на тапацираното столче пред големото тоалетно огледало, со двете раце кренати над глава бидејќи очигледно си ја дотеруваше фризурата, широките ракави од бањарката паднати до над лактите, со нозете пред неа расчекорени и голи, задникот ширнат по тоа тапацираното столче како предојдено тесто, косата развеана преку рамената и по плеќите. Сигурно се готвеше за излегување.
„Продавница за љубопитните“ од Мето Јовановски (2003)
Земам, се запрегнувам во ракавите, спремам најубаво што сум можела, ја дотерувам масата за ручек, го пеглам и го штиркам секое крпче, секое везено и секое плетено, и чекам да дојде тој.
„Братот“ од Димитар Башевски (2007)
Татко му од сликарот скоро секоја година идеше од Германија и ја доградуваше, ја дотеруваше куќата.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Брадата го открива карактерот кај човекот: оној што ја пушта брадата да му расте слободно, природно, диво, без да ја дотерува и обликува - има нешто уметничко во себе, повеќе го обликува духот отколку брадата; оној, пак, што ја потскаструва брадата, што ја дотерува, негува и обликува - ја искажува својата префинетост, нежност, желба за блискост и допадливост; оној што ѝ дава форма на брадата во вид на трака што му врви преку вилицата и се спојува со зулуфите - сака да е упадлив, да обрне внимание на себе; оној што ја бричи брадата само на врвот од вилицата оставајќи ја гола како јајце и надевајќи ѝ на брадата од образите да се спои, прекинувајќи ја како прекинат мост - тој ја искажува својата затвореност, потиштеност, нерешителност, колебливост; оној што ја пушта брадата да му расте само на врвот од вилицата спојувајќи ја со мустаќите, ја изразува својата ученост и љубопитност кон сѐ, полн е со енергија и сигурност во себе; оној што ја остава брадата да му расте во вид на шилец или ластовичино крилце спуштајќи ја накај гушата - пргав е и склон кон брзање: брза и во мислите и во постапките; оној што носи порабена „шпанска брада“, полн е со искушенија и желби за доживувања, за авантури, за весел и безгрижен живот.
„Животраг“ од Јован Стрезовски (1995)
Мигум помислив, како со Агна со години ја дотерувавме и ја чувавме, како што се чува најмилото.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)