ја (зам.) - промаши (гл.)

Ми се крши ко суво стаклено цвеќе во раце, под нозе, на срце во мозокот ми удира ме заклучува ко да сум казнета со катанец, од надвор правам сѐ да ме нема можеби така ќе се спасам ќе фатам џенем некаде усвет, некаде кајшто никој не ме знае и нема да му падне на памет да ме оспорува оти такви работи не им паѓаат на ум на нормални луѓе ама овде сѐ е можно овде ние не сме ние светот е превртен наопаку ние газиме по шилци ако нив ги промашиме ќе нагазиме на мина ако неа ја промашиме ќе се фатиме во стапица ако и стапицата ја промашиме ќе удри гром ако и громот нѐ промаши ќе се изедеме еден со друг.
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)
Си успеал да ја промашиш провалијата и тоа ти дава огромна надеж.
„Читај ми ги мислите“ од Ивана Иванова Канго (2012)
Овде Глигор и Арсо го чекаат бесилото, а за Џемал-ага овде е спас и живот, темна среќа на човек што својата среќа ја промашил и ја загубил засекогаш меѓу слободните луѓе.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)