време (имн.) - убав (прид.)

И во следниот миг видов млаз кон мрежата; миг потем видов светлина, страотен блесок, десет илјади пати посилен од Сонцето, како очите Господови; таква светлина никогаш во животот немав видено, господине судија; светлина еднаква во сите свои делови, виолетова, облак од светлина што не е во едно време убав а во друго неубав, ниту за едни е убав а за други – не; таа светлина траеше само еден миг, кој ми се виде цела вечност, и јас знаев дека и Јан Лудвик ја гледа таа светлина од прапочетокот, и како бев вон себе, исплашена, во шок, јас бев среќна што Јан ја виде таа светлина, уште еднаш.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Светлина што е убава, а убава е затоа што е убава во исто време во сите свои делови, затоа што е убава секогаш во исти односи и на ист начин, затоа што ниту настанува ниту исчезнува, ниту се зголемува ниту се смалува; затоа што не е во еден дел убава а во друг грда, ниту пак во едно време убава а во друго грда, ниту пак по однос на една ствар е грда а по однос на друга убава, ниту пак на едно место е убава а на друго грда, ниту пак за едни е убава а за други грда, туку сама по себе е убава сега, секогаш и во вечни векови, секогаш сама на себе подобна по форма, светлина што во себе го носи изворот на убавината: светлина, музика и боја.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Тетка Анѓа долго се врткаше во училиштето и упорно се бореше со немаштијата и гладот, штедејќи го брашненцето за подолги и потешки денови; чичко Петре постојано ѝ помагаше, ѝ се наоѓаше за што било и ја утешуваше дека и ова еден ден ќе помине и ќе дојде време убаво и среќно.
„Дружината Братско стебло“ од Јован Стрезовски (1967)