дрво (имн.) - за (предл.)

Илко нацепи дрва за фурната и излезе до кај средсело да види што има што нема, ама една работа го интересуваше најмногу: дали ќе го најде дедот Балета да му понатолче пак да појде до Рожден, белким ќе „м'сне ала" некако да ја заврте господ надесно Рожденката и да се стори себап, да се прожени.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Руса стана да живее кај своите, но еднаш, во време барање дрва за огрев (еднаш во годината, во октомври, жителите на Потковицата ја кастрат гората и берат дрва за огрев) дали некој ѝ рекол или сама дошла на таква помисла, дека Јован Дамчески и таква, огрубена, ја чека дома за да ја земе за невеста и отиде кај Дамческите.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Човек можеше, и смееше, само наесен, во октомври, да набере дрва за огрев.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Ако не е така барем да се вежам, да си донесам нарамник дрва за кладата на која да догорам... Зошто ми префрлаш дека сум стар, о, смрти, o, sancta simplicitas, о, едноставности света... ***
„Две тишини“ од Анте Поповски (2003)
За да можат да се исхранат луѓето, голата сиромаштија дури мелеле дрвја за да ги јадат помешани со брашно во некаква чорба голата сиромаштија....
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)
Во семејството на еден скржав имам неговата домаќинка била принудена да меле пченка, кочан и кора од дрвје за да си ги нахрани децата.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)
Товарена со нарамок дрва за малку ќе се сопнеше од расфрланите обувки на прагот.
„Последната алка“ од Стојан Арсиќ (2013)
Што ќе разбере некој, да речеме, ако му раскажувам за гората, а тој на гората гледа само како на нива, да речеме, во која се раѓаат дрва за огрев и за градење?
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
На десетина, дваесетина дена, пробивајќи се по обични колски патишта, пресечувајќи неразгазени долинки и ритчиња, газејќи низ грмје и папрати, шумарот ќе се појавеше со својот џип да ја надгледа гората или да маркира дрво за огрев или граѓа.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Сега му удрил умот да прави чун. Длабел некое дрво за рибарење по езерото.
„Братот“ од Димитар Башевски (2007)
Човекот се вика Методија и носи дрва за Шумското. Кај браната јас ќе ве преземам.
„Братот“ од Димитар Башевски (2007)
Кажуваат не земало пари туку молел за неколку дрва за да има со што да се стопли болната сестра која по везден се слуша како си ја исфрла, како си ја кине утробата.
„Исчезнување“ од Ташко Георгиевски (1998)
По цела ноќ гори кандила во нивното заградено, наутро заминува со оние што одат по работа на индустрискиот колосек со стиснати книги во премрзнатите раце, а на пладне, враќајќи се од часови, останува на индустрискиот колосек или да фрла јаглен со лопатата од вагонот надвор или да реди дрва за огрев што вагоните ќе ги изблуат без никаков ред.
„Исчезнување“ од Ташко Георгиевски (1998)
При што никому од тукашните главатари не му текнува Да поведе сметка и за нас коалите Па на секој новодојденец да му наложи при цапнувањето во Австралија Да засади макар по еден еукалиптус За ние да можеме безгрижно да сонуваме И да си ја исполнуваме својата мислителска мисија А не да ни ги скусуваат соновите и од нашиот еукалиптус Уште да прават и некакви бонбони за шмукање Божем нема со што друго да го лечат народот од грлоболка Ние коалите не сме злопамтила Ама вие сега видете каков тоа човек создала работата И дали е баш вистински човек оној кој на коалите им зема дел од еукалиптусот Таквите во Македонија ги викаат човеци Некои од нив доаѓаат од стар крај со навики да крадат дрва за огрев Ама и кога крадат барем крадат дабови и борови а не еукалиптус
„Сонот на коалата“ од Ристо Лазаров (2009)
И вели така и шета така низ планината. Бара убаво дрво за бесење.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Под нив се појавува и Давиде Недолетниот. Бара дрво за бесење.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)