душа (имн.) - им (зам.)

Кревкиот соживот повторно прета се градат ѕидови во неколку гета сеуште глумат братство единство а душа им гори за етничко чисто Чувај не Господе од искариоти превртливи души и квази патриоти со устите полни за народ да се сплоти а гз ќе им зине за куфер со банкноти На телевизија невиден смрад будно не следи Големиот брат очајни луѓе, морална криза калаштури штури за анализа
„Проклетници“ од Горан Јанкуловски (2012)
Злите јазици во амбасадата велеа дека во рестриктивниот простор си отспива по некој час, па потоа кога ќе се разбуди будно ги следи сите други, душа им вади!
„Амбасади“ од Луан Старова (2009)
Родени се во времето на Втората светска војна, растат во времето на Хувер и Макарти, постарите браќа им се регрутирани во Кореја, мајките ги учат дека е срамота да се врти со колкови и да носиш тесни панталони, татковците ги учат дека е срамота да имаш црнец-другар, свештениците ги гушат да клечат на колена секоја пред својот тотем, општеството ги учи дека треба да станат домаќинки и да бидат верни сопруги што ќе израѓаат еден куп деца што ќе гинат по Виетнам - а тие се маѓепсани од Елвис, којшто заводливо врти со колковите, маѓепсани се од Џери Ли Луис и неговите тесни панталони со набабрен шлиц, маѓепсани се од црнецот Литл Ричард кога вели уап-баба-луба-би-ба-буп... и ете, затоа вриштат, затоа што им го бранат сето она што душата им го бара!
„Бед инглиш“ од Дарко Митревски (2008)
Како што одминуваше времето, така душите им се стоплуваа, а со тоа и чудни настани им извираа низ устите обликувани во низи зборови што се таложеа во мене молчаливиот, стутканиот меѓу колената на татка.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
Штом ќе се разгласеше дека војната завршила, луѓето сета комина што ја имаа (од сливи, од дренки, од муренки, од грозје, од кајкушки и оскоруши) ја вадеа од бурињата и ја носеа на казаните крај езерото да ја печат; се носеше и комината од црковните сливи и лозја и деноноќно се печеше ракија, и деноноќно се пиеше; пиеше старо, младо, машко, женско; како што капеа казаните - така луѓето со чашки, со филџани, со канчиња, со матарки, црпеа од ракијата, пиеја, наздравуваа еден на друг, ѝ наздравуваа на слободата, се бацуваа, пиеја колку што душата им сакаше и не им сакаше, кој како ќе се испијанеше скокаше сосе алишта во езерото или пак луѓето го пикаа да го оладат и отрезнат; но по секое отрезнување - започнуваше ново пиење.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
А тие ни рекоа на сите да им кажуваме дека таму во Браилово сите деца се живи и здрави, дека се облечени во нови алишта и дека спијат во кревети со бели чаршафи, а јадење имаат колку душа им сака...
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
9. НА ДРВЈЕТО ЛИСЈАТА ИМ СЕ ДУША - на луѓето дреата никогаш душа им не е, и в злато да се наконтат од пети до гуша в пазви не ќе им долета птичка која пее...
„Куршуми низ времето“ од Љупчо Стојменски (1976)