колено (имн.) - клечи (гл.)

И кога го составив со мозаикот, кога целото стана Едно, и кога се укажа целата слика на царевата ќерка под колената мои (оти на колена клечев додека чинев невидливото да стане видливо), сфатив дека сум пајак средето на своето завршено дело, дека ме заробила целината, завршеното, дека самиот сум центар на сочинението од рацете мои, дека сам сум се затворил, сум се заѕидал во тоа чудно здание, храм пајажинест.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Европа Ах ти прелепа божице што богот наш суров без поштеда и пардон те опаша грубо сега освета слатка ни спремаш судбината ко џамаданче ни ја кроиш и приспивни бајки ни редиш но не во сон сладок ами во очај и летаргија нѐ фрлаш Ах Зевсе ненаситен манијаку сексуален никаквецу од небесна сорта што несреќа на врат ни врза што грев в мозок ни жигоса та ни камшик ни пост велик оттаму не може да го истера Ах милост имај божице сјајна еве на колена клечиме пред портите на домот твој златен петиците ти ги целуваме прошка дај ни за гревот наш древен и прибери нè внатре бар малку тело запустено да одмориме и душа грешна да згрееме подај ни сал трошка од трпезата ти божеска и вечно името твое ќе го славиме и пелтечиме Маргина 35
„МАРГИНА бр. 35“ (1997)