кора (имн.) - со (предл.)

Питите ѝ одеа малку потешко. Ама со годините и времето научи да го стегне кр’нгот и в раце да го заигра сукалото под кое добро измесеното тесто се сучеа кори за пита со пресул, со праз, со кастици, со кромид и свинско пржено, пита со тиква, со урда и праз, со коприви, со корки мешани со урда и јајца... сучеше и кори за бурек плескан со по четири или пет кори со урда, сирење, бурек виткан окол-закул со сирење и кори за бурек - плетениот...
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
Кога дрвото покрај кое случајно минувате со задоволство ја претрпува болката од впишувањето на две имиња врз неговата кора со нож; кога истовремената појава на дожд од небото и солзи на вашето лице не може да се нарече случајност; кога светулка се дави во вирче, прета со наводенети крилца борејќи се за живот и притоа не заборава да ве награди со светлина; кога не знаете зошто одот одеднаш ви станува куц; кога не сте пијани, а од некои темни агли на едвај осветлената улица слушате тивко завивање и цивкање на куче; кога не знаете како сте станале дел од таква ноќ... сѐ што ви преостанува е да се гризете од бол и зачуденост.
„Азбука и залутани записи“ од Иван Шопов (2010)