ледина (имн.) - крај (предл.)

Ги запреа коњите разгледувајќи го одблизу манастирот, восхитени од неговата убавина, кој извишен на карпата над езерото и опкружен со зеленило, се чинеше како да лебди над водата во дланки господови; езерото под него поигрува, одблеснува на сонцето и полека ја заплуснува карпата; лево од манастирот под падината на планината, клокотат огромни извори и исфрлаат изобилство вода која плавно, широко се разлева правејќи езерце што го обградува пошуменото островце пред да го пресече патот под мостот и да влезе во езерото со бучеж; на дното од мирната вода во езерото се прелеваат разнобојни алги фаќајќи ја светлината од сонцето што низ бистрата вода продира до нив; на островцето столетните дрвја ги раскририле гранките спуштени до самата вода во која фрлаат зелени отсјаји; по водата пливаат патки и лебеди, кои вознемирени од тропотот на коњите, се оддалечуваат повнатре во езерото оставајќи долги, меки бразди зад себе; на ледината крај изворите пладнуваат купчиња овци како бели, отворени цветови.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
Како што беше вистина и онаа пролетна утрина, додека на горниот крај на селото се собираше тајфата печалбари пред заминување, а тука беа и тапаните, веднаш тука, на ледината крај патот и младичите го играа Тешкото околу нив, а тој беше со татка си скраја и мајка му молчеше крај нив со црвени очи; тој беше накитен со низалки костени, јаболка и по неколку ореи, првопратено, додека мајка му му шепнуваше „Змејко сине“, а тој можеше да види како му се стегаат на татка му вилиците и како сите мускули набабруваат и се скаменуваат под поцрнетата кожа на неговото лице, исто онака, како кога беше многу лут татко му, но Змејко сега можеше добро да знае дека тоа не е од никаква лутина.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)