петица (имн.) - и (сврз.)

Ме гледаа од глава до петици и завидуваа на секоја совршена пора од моето тело, облечена во златните сандалчиња и куси тексасни жешки панталончиња.
„Знаеш ли да љубиш“ од Ивана Иванова Канго (2013)
Кучињата, и тие, кога видоа толкава милост, заиграа со опашките, се приближија, почнаа да ги душкаат братучедите во петиците и под колениците па до празните војнички торби.
„Будалетинки“ од Мето Јовановски (1973)
А таа сега од една крајност премина во друга: им се насмевнува и кога треба и кога не треба, им потфрлува благ збор и кога треба и кога не треба, не им оди повеќе по петиците и не ги следи како порано, не плуска со камшикот низ просториите, не испушта грлени гласови како порано, ами постојано пушта музика од грамофонот внесувајќи весела атмосфера во Пансионот; ги повикува одвреме-навреме во канцеларијата да ги почести со пијалак, та кога ќе потпивне малку повеќе, лицето го расцутува од смеење и веселост и потпевнува со глас како славејче.
„Животраг“ од Јован Стрезовски (1995)
- Сенкичка мила! - слушна пак Арсо. Човекот се заврте на петици и се нафрли на стомната.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Ни ги пуштило сенките од под петици и одиме ние, одат и тие по нас.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Една остра морница се надигна од неговите петици и му го поколеба стојалиштето ползувајќи го сиот, а после се собра во неговите вилици и тука го склешти.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Продолжи првин со одење, во кое имаше и демнеење на мигот, во кој таа и би се вратила, а кога човекот немаше со што да фрли, таа зеде пак да се шиба огромна и блиска, каква што беше, за да можеш да ги здогледаш и црните српови од ноктите на нејзините шепи, за да можеше да го видиш секое превиткување на тупата болка во нејзините скокови, за да можеш да ги видиш и нејзините крвави непца, за сето време испуштајќи некакво подмолно завивање, полно со една ужасна, здржана, придушена бол, а Змејко, кој уште на првиот нејзин чекор знаеше дека ќе мора да отстапи, сега, кога она завивање нараснуваше во некакво ужасно стенкање кај она ѕвере, готово да расчешне сѐ, што ќе му се најде на патот, го сети дивиот ветер како го подига угоре и како го урива во провалијата под неговите петици и расплакан и сосема совладан тој отстапи.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Сега тој многу јасно го виде на белината и своето зрно како одлета од врвот на неговата пушка и како ја фати насоката на она ужасно ѕвере, просто следејќи го в петици и сигурно настигнувајќи го, сѐ додека не се вкопа во неговата распафтана арамиска зачекореност.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Оти сум ја подгазила со петиците и никаде не се гледа.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Нешто му се накрева оздола, откај петиците и го кине во градите, во грлото.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)