синџир (имн.) - од (предл.)

Во новово време сите сме на работ на нервите и живеачката сѐ повеќе ја доживуваме како синџир од неуспешни реформи во кој ни се препелка чекорот кон лесно ветената иднина.
„Кревалка“ од Ристо Лазаров (2011)
По должината на тој синџир од јужнословенски племиња и наречја како да се образувале 4 јаки јазли, што ќе рече, 4 држави со разни имиња, т.е. словенечка, хрватска, српска и бугарска држава.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Јагиќ ни вели дека јужнословенските јазици се и биле синџир од наречја; исто така дека сите јужни Словени до образувањето на бугарската, српската, хрватската и словенечката134 држава се викале со едно име -Словени.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Тој и на сегашните јужнословенски јазици не гледа како на три целини, точно разграничени, туку како на синџир дробни наречја што се слеваат едно во друго, како што влегуваат колцата во синџирот од една страна во едното соседно, а од друга страна – во другото соседно колце.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Тоа значи дека најдовме едно неутрално колце на синџирот од наречја.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Живиот синџир од луѓе и добиток, чекор в чекор, нога зад нога, вчекорува во ливадата покриена со пресна роса.
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
Елате, браќа, да ги скршиме синџирите од маки и страданија!...“
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Жените од нашиот Центар, кои го опслужуваа господинот Каваленко, го нарекуваа Курдоколенко.
„Полицајка в кревет“ од Веле Смилевски (2012)
Меѓу редовните гости на јахтата „Зора“ беше и украинскиот бизнисмен Виктор Каваленко кој веќе пет години успешно работеше со синџир од фирми во Гостивар, Струга и Охрид.
„Полицајка в кревет“ од Веле Смилевски (2012)
Исто е и во примерот: „Сум оптегнал јажиња од камбанарија до камбанарија; венци од прозорец до прозорец; златни синџири од ѕвезда до ѕвезда и играм“.
„Љубопис“ од Анте Поповски (1980)
„Облачно претпладне во јули. Вкус на пепелта лета низ воздухот; - мирис на дрво што се поти на огништето, - натопени цвеќиња, - опустошени шеталишта, - зошто веќе да не дојдат играчките и темјанот? “, ќе наслика Рембо во неговите „Изреки“ и ќе продолжи: „сум оптегнал јажиња од камбанарија до камбанарија; венци од прозорец до прозорец; Златни синџири од ѕвезда до ѕвезда, и играм“.
„Љубопис“ од Анте Поповски (1980)
Од викањето се разбудија и другите селани, дотрчаа со садови, се предаваше водата од рака на рака, се правеа синџири од луѓе и се фрлаше водата; но нејзиното мало количество како да го потсилуваше огнот; некои од луѓето што беа похрабри, потпреа скала на ѕидот од куќата и се искачија на чардакот фрлајќи вода за да не се зафатат одаите и чатијата.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
Војска? Ха! Тоа беше матна дождовница од испиени, на прв поглед безоблични луѓе, колона гробнички шинели, разнишан ред страшила, глупаво и ненужно развлечен синџир од чудни шушкави алки. Тоа беше почеток и крај.
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
Ниски, еднокатни стари куќи и веднаш до нив синџир од нови десетокатници го опкружуваат центарот на градот.
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
Сите се собрале на едно место и заватиле да праат ѓоамити синџир од песок.
„Македонски народни приказни“ од Иван Котев (2007)
Своето ЈАС го заборавив зад себе, носен од помислата „МОЖАМ ПОВЕЌЕ“ -и секоја стапка поблиску до успехот а за нив, рушење на сите градби од нереални идеи, фрустрации, неконструктивни закитени со синџирите од алчност и лакомост... правејќи заговор како да нѐ спречат?
„Поетски блесок“ од Олга Наумовска (2013)
Се разбира, за кум го одбрале пред да му тргне колата прудолу, а јас, јас по нивна желба сум му кум на едно мало дете кое сега, откако ме сметаат за црна овца, со страв го држат што подалеку од мене.
„Црни овци“ од Катица Ќулавкова (2012)
Очигледно, мене ми било пишано да се погрижам да не се прекине синџирот од црни овци и во мојата генерација. Некој мора, тоа сум јас.
„Црни овци“ од Катица Ќулавкова (2012)