во (предл.) - седело (имн.)

„ Ќе а гледам, ќе а гледам и ќе а гледам, дури да ми се наситат очите!" — заклучи тој и заспа за да сонува: како се качува на една висока топола, на која имаше страчкино седело; во седелото мали страчила и таман кога требаше да ги ловне, сите излетаа, само едно го додржа за опашка, а страчките, и двете, му се пуштија, сакаа да му ги исколваат очите.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Освен тоа, Милан веруваше дека јајцата што се неквачени во седело, не се толку добри, тоа што на јајцата им даваше концентрирана хранливост беше семето на петелот.
„Невестата на доселеникот“ од Стојан Христов (2010)
И рибите во водата честит царе, да се камен, и птиците во седелата, примерно и орлите и сениците, не ќе можеме. Граѓа се нема.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Ни врапчињата од небо не се појавуваат, туку и тие еден врз друг чучат,женското долу, а машкото горе и после женското снесува јајченца во седелото и од нив се појавуваат пиленца голуштравци кои сега се веќе големи и праат заедно со возрасните!
„Црна билка“ од Ташко Георгиевски (2006)
Се врати штркот во седелото ланско, со жаба стара.
„Поетски блесок“ од Олга Наумовска (2013)
Велика му привикува да ѝ ги врати јајцињата во седелото.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
И така го кладовме пологот во седелото, тргна коренот, се шириме, се темелиме.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Ќе појдам на нива и скришум ќе ставам едно снопче во седелјето од магарето. На самарот.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
а возот само си пуфка, си штрака на шините, и од тоа не се слуша многу нашето викање, грми, не чувме и кога грмнало небото и туку - удри еден дожд на вагонот, штрака, така, така, така, како да работи машина за шиење, ако си чул, ама кај ќе чуеш, кај нас се шие на рака, колва озгора дождот, и почна да претечува од тоа отворчето одозгора, почна да капе, да навева и ние се креваме замелушени, ги креваме главите, зинуваме со устите и чекаме водата да ни капе на јазикот, се поттурнуваме така подзинати нагоре, ко штркови во седело, а дождот си шие одозгора, си колва и нѐ понакрева, нѐ наживнува, ама после не се легнува во сламата, сламата се раскваси и сите болви наскокаа на нас, ни се пикаат под пазуви, под гуша, под ногавици, и боцкаат, дупат, ти ја пијат крвта, тоа што останало од крвта, колку едно песочно браздиче, и така паткаме, два дена и две ноќи паткаме, а може помалку, не знам...
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)