за (предл.) - сиот (зам.)

Судот може да одлучи сведокот да положи заклетва на исказот што го дал.
„Работни спорови - Позитивни примери од судската пракса“ од Димитар Апасиев (2011)
Заклетвата се полага усно со изговарање на овие зборови: „Се заколнувам во честа дека за сето што ме прашуваше судот ја зборував вистината и дека ништо што знаев за оваа работа не премолчив“.
„Работни спорови - Позитивни примери од судската пракса“ од Димитар Апасиев (2011)
- Сфати ме, немав време да дојдам порано – барајќи ѝ го погледот за да се оправда за сето негово доцнење.
„Ветришта“ од Радојка Трајанова (2008)
за кучето кое од мирно седење почнува да повраќа, за папагалот розела кој умираше од глад додека некој не му го потсече клунот, за моите болести и абортуси - за сето тоа бев надлежна јас, јас сум била тип жена сопруга, тој просто ме препознал во таа квалификациона група што ја предвидувала некоја научна студија за типови на жени...
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Лајтмотивот на „Билјана“... се провлекуваше за сето време, додека се појавуваа пејсажите на охридскиот брег: Свети Наум, Струга, Калишта а потоа и песочните плажи на Преспанското Езеро, височините на Пелистер, убавата Битола, во која, како што раскажа спикерот, се задржала по неволја, една француска брачна двојка, која минатата година заминала на одмор во Охрид.
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
Но мислата го свртува на друго: Сотка ѝ е внуче на Спасија, близок род се, како ќе му објаснува зошто му е нужна сликата, нели секоја лага ќе биде плитка и жалосна, и тој само ќе се изложи на подбив пред него, ако не и на опасност да разбере прва жена му за сето тоа.
„Послание“ од Блаже Конески (2008)
Стрела, која за сето време на неговата болест беше заробена во оваа просторија, радосно заквичи и му се сплетка во нозете.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
- Ако, ако... Нека се јадоса. Треба да разбере дека не е лесно да одведе во Ресен охридска девојка... - се закикоти Атина, која за сето време ѕиркаше низ пердето и гледаше сѐ што станува во чунот.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Таа не знаеше дека тој вечерва воопшто не ја гледал како Јанте, дека за сето време седел долу во бифето на театарот и станал дури кога загрмеле ракоплескањата на крајот од претставата.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Дванаесет години работи Веле со Аргир и за сето тоа време тој не го чул ни еднаш него да заговори вака топло, човечки.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
а. Времето во поезијата За предлозите на Хлебников: „да се внесе новина во поседувањето над земјата: да се прогласи поврвната на индивидуалниот имот да не може да биде помала од поврвнината на земјината топка“, и уште: „ да се изврши постапно предавање на власта во рацете на ѕвезденото небо“, и особено: „ да се формира во сите земји за оние што сакаат вечна војна посебен пуст остров“, и за сето тоа неопходно е – време.
„Љубопис“ од Анте Поповски (1980)
Но тој, Јован Дамчески, веќе беше изгубен за неа, и за сојот Дамчески и за сиот христијански свет; падна во сплетките на Мусли бег и се потурчи.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Види како боите се прелеваат на сонцето, се мешаат во една чудесна боја – со восклик скокаше Еразмо и ја покажуваше раката кон старецот, бидејќи за сиот свој живот ова го немаше забележано.
„Мудрецот“ од Радојка Трајанова (2008)
Ако се однесуваме со презир кон народниот наш јазик, ние само им враќаме со неблагодарност на нашите родители за сето нивно духовно гледање и воспитание. – Ние имаме и право, освен долгот, да го браниме нашиот јазик и тоа право ни е свето.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Таа стоеше за сето време, додека одминуваше по голината, но ниеднаш не му попречи.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Она пладне, кога војната беше оттатнета, а нејзините сенки сѐ уште стоеја во изгорените куќи на нивното село, и во разурнатите мостови, и во разодградените плотишта, а по селските сокаци се тркалаа празните картонски кутии од УНРРА, и селаните се облекуваа во половните американски карирани виндјакни со неминовната црвена шарка, и кога двете селски бакалници беа прекрстени во Кооперативни сектори, а секој нивни ден се завршуваше со по една фронтовска конференција, на која тие по двајца-тројца продолжуваа да се запишуваат во Задругата; она попладне, во кое исто така мнозина, продолжувајќи да немаат доверба, а и Змејко беше меѓу нив, обично молчеа, за сето време, сите тие денови, и додека се меткаа по цел ден по средселото, а и вечерта на конференциите, а дури после си се разотидуваа кон дома; она попладне, кога ќе им станеше чудно ако речеше некој дека оваа вечер нема да има конференција, толку чудно и толку пусто, што дури и самите би ја закажале неа, она додека исчекува задружниот курир - поранешениот пандур, - пак да притропа со барабанчето по сите мегдање од селото и се чудеа што уште го нема; во таа тишина, во која стоеја зачмаени на средсело сите мажи, а меѓу нив само ретко ќе пробечеше некој глас, кој можеше да бара или огон, или тутун, кој ниеднаш не кажуваше ништо повеќе: тоа пладне, во кое подоцна се насобираа сите крај една лимузина и еден џип што пристигааа од градот, носејќи уште една од сите оние делегации, што доаѓаа на конференциите и постојано им го зборуваа сѐ тоа пак тоа, сега од колите излегуваа луѓето и се поздравуваа со селаните со онаа неприфатена, одгатната фронтовска желба за приближување и Змејко уште на прв поглед го препозна онојго.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Околу него остануваше за сето време само еден негов круг од тоа сиво пространство, и дивината секогаш му го препушташе тоа само нему.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Се најде себеси, исправен, со пушката в раце, како со прстот в уста, доста подоцна, откако оној голем самјак се искри зад сртот, и сѐ што можеше да стори, беше да запали уште една од своите ретки цигари, а за сето време, додека повлекуваше од лутиот чад, во него се надигнуваше еден друг инает, кој за миг го смени она глупо чувство и го исполни до врвот.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
А еднаш, кога можеше да се обѕрне, тој ја откри и целата шума околу себе, која на некаков чуден начин продолжуваше за сето време да се движи околу него, едвај осетно залелкана и во едно бавно, но постојано одминување. Најпосле се најде и себе си, сиот.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Почна да тоне во некаква млакост, во која сите работи добиваат некоја чудна извртеност, некоја лудечка испреметканост, а пред некој негов внатрешен поглед, кој остануваше постојано да дебне и во тој полусон, кој беше исто така негов и исто онака вистинит, тој се прегрнуваше со некои двајца луѓе, што требаа да заминат, а веднаш потоа ги гледаше оние двајца како застануваат крај патеката, како дрвјата, пренатрупани со окит, од кого веѓите им беа сосема бели, а со него се прегрнуваа сега и исчезнуваа полека по снегот нагоре, едно по друго, сите тие дрвја, а тој им намавнуваше ним со рацете, со сите свои десетина раце, од кои како бели перници се стреснуваше некаков окит, а за сето време некој некаде продолжуваше да го дупчи тоа, да го пробива, се мачи постојано да го пробие, со некаква долга шилка, бела и цврста како заб, како од слонова коска, но она се надига пред таа шилка и таа ниеднаш не успева да го продупчи...
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Нејзин говор и додека длаби и во најдебелиот трупец, и додека го делка некој кежаво изврзан глужд, притоа само со звукот кажувајќи сѐ за длабината на дрвото, но за сето време постојано со она спокојство и сигурност, без да се промени ни една жиличка од ткаеницата на нејзините до невидливост незауздани движења, тоа ритмичко полетување нагоре и плискање надолу, докрајчувајќи го секој глужд, токму на ова место, каде што го подбрала пред себе, неотстапувајќи ни за милиметар в страна од своето цврсто сновење.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Ја виде, на педесетина чекори, застаната, како дотогаш воопшто да не трчала, како да стоела отсекогаш тука, свртена кон него со грбот, расколебана, послезена подолу од својата посока, за сето време обѕрната.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Продолжи првин со одење, во кое имаше и демнеење на мигот, во кој таа и би се вратила, а кога човекот немаше со што да фрли, таа зеде пак да се шиба огромна и блиска, каква што беше, за да можеш да ги здогледаш и црните српови од ноктите на нејзините шепи, за да можеше да го видиш секое превиткување на тупата болка во нејзините скокови, за да можеш да ги видиш и нејзините крвави непца, за сето време испуштајќи некакво подмолно завивање, полно со една ужасна, здржана, придушена бол, а Змејко, кој уште на првиот нејзин чекор знаеше дека ќе мора да отстапи, сега, кога она завивање нараснуваше во некакво ужасно стенкање кај она ѕвере, готово да расчешне сѐ, што ќе му се најде на патот, го сети дивиот ветер како го подига угоре и како го урива во провалијата под неговите петици и расплакан и сосема совладан тој отстапи.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Змејко го знаеше тоа за сето време, застанат крај чамот, што беше доста дебел, а постојано со едно проклето чувство како некој да го имаше исфлено на една ѓаволска сува долина, на некоја гола ведрина, и сѐ, што можеше да стори, беше да испука уште три истрела, нишанејќи право во челото на она заскокано ѕверче што стануваше со секој миг сѐ поголемо и сѐ понасочено кон него, право на него, како некој истрел, единствен и неизбежен, а за сето време додека пукаше, остануваше свесен дека со тоа нема да може да стори ништо, бидејќи знаеше многу добро дека сите делови од телото на тој затрчан самјак беа заштитени во дебела кожа и со непробојна коска, така што на тоа негово место не би можела да му помогне ни кртешница.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Сакаше да се сочува оние двајца да не го вовлечат и него во онаа своја каша, што ги обземаше сега целите, се мачеше да изнајде нешто, со што би го одвратил тоа од нив, но за сето време продолжуваше само да молчи во миризливата топлина на ложниците околу своето тело и на лицето и за сето време продолжувајќи јасно да сеќава како оние тонат.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Ниеднаш не пожелеа ништо, сето го чуваше за себе, дури ни за сето време, додека гледаше како му се отвора пред погледот таа очекувана долинка, на чиишто млаки помисли уште првиот миг, кога го пронајде дирата.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Беше доста далеку, дури и премногу далеку за секој друг да ги нанишани на таа далечина, но беше исто така неминовно и за сето време тој мислеше на својата сигурна рака.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
И за сето време после, додека гледаше како месецот се изгубува зад белиот раб на шумата, а неговата месечина сѐ повеќе ја сменува една залебдена, синикава заискреност негде под самото небо, која беше денот, увиснат високо над земјата и зачекан да стапне на нејзината поврвнина, Змејко сѐ повеќе стануваше свесен за онаа празнина во неговата внатрешност, што му стоеше препашана како болен појас по целиот стомак, од која и устата и грлото му беа суви и полни некоја запечена горчина.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Мислеше така за сето време додека ставаше иверки над живите грутки жар, што ги отпрета од под пепелта во печката.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Заминаа, - тоа беше сѐ што мислеше Змејко за сето тоа време.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Мислеше, приближувајќи се до стеблото, на своите раце, мислеше на својот чекор, продолжуваше да сеќава некаква неизбежна радост, некаква неизбежна тишина, што му го опфаќаше целото тело, а за сето време загледан само во тоа масивно стебло, целото извиено, вивнато нагоре и смирено под беличестозеленикавите висулки бради, со кои што беше обрастено по корубата.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
И зачекоре по таа крвава трага, со пушката преку рамо и тешко пробивајќи се, сѐ додека самјакот не почна да остава зад себе пак една добра разгазеност, кога престанал да скока, а за сето време размислуваше каде би можел да го очекува сега.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Само кога ќе подзастанеше еден миг, со виснати раце и со две капки пот над веѓите, можеше да погледне на сето тоа, но уште веднаш потоа сѐ исчезнуваше, оставајќи го целото негово суштествување само за да може да ја дочуе и најнезабележливата промена во писокот на неговата пила, додека таа саскаше низ некој глужд во трупецот под себе, за сето време чувајќи го на дофат малото кутивче со подмас, со кое поминуваше по сите зглобови и по сите колена на механизмот.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Во крвавиот траг на боиштето остана само едно од тие изребрени суви тела, што се превиваше во морничаво, жилаво умирање, продолжувајќи за сето време да замавнува во празнината со своите задни нозе, чиниш и во своите последни соништа продолжуваше да бега, некаде во некоја шума, некаде меѓу некои стебла, однесувајќи ја и од онаа страна на животот својата исконска глад.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
За сето време, додека го мислеше тоа, остануваше свесен и за својата глад, а мислеше и на следните некоку дена, што мораше да ги помине долу, во својата пилана на Белата Долина.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
За сето време зад него зееше онаа провалија, под неговите петици тлото се одронуваше, а тој сепак достоја.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Останав неподвижен, стуткан. Ми се чинеше дека за сето тоа време некој со потсмешливост во срцето ми ги наслушнува мислите.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Треварот Никола Влашки покажа со маслена коска кон мене и праша зошто не земам залак за душа на покојниот Дмитар-Пејко.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Клетвата си е клетва, зошто не пазеше? Жена ти е трудна веќе осум месеци, а ти за сето време не спиеш, се сушиш, спокојство немаш.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
И додека таа безуспешно се бранеше и испушташе грлени гласови, тој со сета сила навалуваше на неа, завраќајќи ѝ го фустанот што таа го туркаше со рацете надолу, ја труцкаше, а во тоа имаше и бес и освета за сето она што таа му го чинеше од неговото доаѓање во Пансионот.
„Животраг“ од Јован Стрезовски (1995)
Но и за сето тоа, за покренување судска постапка, преку меѓународен суд, којзнае колку пари се потребни. Мора прво да најде работа.
„Омраза - длабоко“ од Драгица Најческа (1998)
Но, денешниот ден е голем за сето село, ако не и за сето наше Мариово.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Не поминаа ни десетина-петнаесет минути, само што го допиваа шербетот анамите, а кадијата за сето тоа време се шеткаше нервозно низ одајата, вратата се отвори и на неа се појави Ајша со Сефедина, носејќи ја Анѓа на раце изврзана со дебела ортома од градник до глезни.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Тука го препозна Трајка дека тој го удри по глава кога му влегоа во конакот да ја спасуваат Анѓа и уште толку го зацврсти решението него да го осуди на смрт и со тоа да се одмазди за сето она што му го направија Мариовците за овие дваесет и седум години борба. – Што велиш сега, Анѓо?
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Толкувачот објасни: - Вие за сето ова мора да знаете нешто. Сигурно имате и врска со партизаните.
„Волшебното самарче“ од Ванчо Николески (1967)
Трајанка сега си спомни за сето тоа и затоа и таа почна да плаче како и секогаш кога мајка ѝ ќе седнеше крај ковчегот и со зетовските чорапи во кои беше парата ќе почнеше да ѝ раскажува за нејзиниот добар татко.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
И радосен, зашто кажува како еден силен арамија, Арнаутин, ги мачел сиромашните селани и како тие, во времето по Хуриетот некаде околу 1909 година, му платиле за сето зло што им го сторил.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
Штом го изговори „откри ми се“, момчето, насмеано и победоносно скокна од јаболкото, од големиот црвен плод што за сето време стоеше пред нејзините очи, а кој таа не можеше да го види.
„Пловидба кон југ“ од Александар Прокопиев (1987)
Под небото сино комарци му ловела неговата нација, во барата имало вино за сето царство Бунефација.
„Најголемиот континент“ од Славко Јаневски (1969)
Старецот весело ги распрашуваше за сето време, им прикажуваше за работата на младинците, кои што работеа блиску до неговото село и ги закачаше дека ако не станат ударници веднаш ќе ги симне од колата, за да продолжат пеш по јулскиот пек.
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
Беше си се замислил за сето што го преживеа последниве денови, а во душата го копкаше мисла за својата грешка што го застави да избега од домот.
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
Мече за сето време стоеше настрана, гледајќи го со затаен здив сето ова, одошто на душата му стануваше светло и радосно.
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
Верувам дека Билјана за сето што ѝ го реков, а не ѝ беше јасно, ќе го поставеше прашањето: „А зошто?“
„Билјана“ од Глигор Поповски (1972)