за (предл.) - сон (имн.)

Земанек седеше на своето место; очигледно, и покрај сите физиолошки потреби за сон, што обично се викаат мамурлак, тој беше совладал еден физиолошки закон; на тоа го обврзуваа редот, поредокот, општеството.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
А кога сонот навистина стана вистина, цели дванаесет ноќи од синот на Тајко бегаше сонот, а клепките му тежеа како весла, иако целото негово тело се разболе и плачеше за сон.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Сите се како часовник, за сон им време не стига, одат по стари огништа, дума по дума собират, седат на селски трапези, песна по песна бележат, сите се бујни, пргави, се млади, сѐ Македонци...
„Робии“ од Венко Марковски (1942)
Добро, простете ми, не сум сосема сигурна што од ова е речено а што е плод на моето вообразување, но од ваквите гледања на нештата, како и од заклучоците што можат да се извлечат од нив, можам само да се оградам (се разбира од ова место каде што се наоѓам сега и од кое за жал пораките нигде не втасуваат).
„Синот“ од Србо Ивановски (2006)
А и онаа приказна за сонот во прегратката на војникот кој знаел да бакнува најтопло иако тоа го правел преку превезот на ноќта!
„Синот“ од Србо Ивановски (2006)
Пред влезната врата го стресува снегот од себе и влегува во одајчето со променето лице, најдувајќи ја мајка Перса задремена крај малечката Пелагија. Ѝ се извини на мајка Перса што се задржале толку многу, ѝ рече дека е многу уморена и дека каснала со Чана кај Танаско и сега не е гладна, туку дека е гладна само за сон, па така не мораше да објаснува зошто се врати со стемнето лице.
„Црна билка“ од Ташко Георгиевски (2006)
На Гого му беше исхраната последна дупка на шупелка: имаше чардак за работа, имаше ќелија или за сон или за несоница, имаше поглед кон суводолицата на детството.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Оти од раѓање знаеме дека кој молчи ќе изџвака повеќе еукалиптус И спокојно ќе си сонува а сите знаат дека За секоја коала сонот е од првостепено значење И така демек слушам двајца кајшто се расправаат баш за соновите
„Сонот на коалата“ од Ристо Лазаров (2009)
Крилата ѝ се заморија, очите ѝ се склопуваа желни за сон, но длабоко под неа беше море, над неа небо и немаше каде да почине.
„Билјана“ од Глигор Поповски (1972)
Тогаш ми се стори дека слободата е најголема во сонот и дека најмногу се исплатува да се бориш за сонот.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)