на (предл.) - пролетен (прид.)

До самиот агол од училиштето мравките го изнесле своето житце од „амбарот" и го сушат на пролетното сонце.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Се радува срце на пролетна песна, ја отфрла гордоста своја, покорно главата ја сведнува.
„Илузија за сон“ од Оливера Доцевска (2013)
Ете тогаш кога, додека сѐ уште доаѓаа на зимување во Петочка Вода, рано напролет, околу Ѓурѓовден, Ѓурчиновите момоци ќе го поделеа својот булук на два дела и машките јаганца и јаловиците ќе ги потераа, преку газилата на Црна, на пазар во Битола и во Солун, а женските и молзниците низ Чепиговски Мртвици, преку Даутица и Јакупица кон родната Мијачија, тоа навистина прилегаше на пролетно раскрилување.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Пчелите одамна излегоа на пролетна работа и почнаа да прават нови пити — садови за нивната зимница.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
И во миг изгасна запалената свеќа, се затресе прозорецот, се отвори и зад ридиштата отпрво некоја исконска белина се искачи по небесата а потоа пукна спроти земјата, спроти душата свеченоста на пролетното необјатие.
„Љубопис“ од Анте Поповски (1980)
Човекот со него ја вдишува убавината на пролетното чудо и глувиот виеж на нејзината тага.
„Липа“ од Матеја Матевски (1980)
Штиркосаните пердиња запавтаа на пролетното ветре, удри некаква божја свежина врз миндерот, реката под него зашумоли, и пенџерето со решетки наеднаш му го замагли опулот на бегот.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Наблизу пиштат локомотивите со новите транспорти на живи луѓе со истоштени лица, најчесто со згаснати погледи и пресушена болка на откорнатици, луѓе што брзо, веќе навежбано се товарат во добиточните вагони кои поаѓаат проследени со пискотите на жените, викот на уплашените деца, занемените мажи, воздишките на средовечните, шепотливите молитви на старците пристиснати во своите први, подвижни ќелии, на луѓето што од страв се измокруваат во својата облека, на децата што несвесни за ужасот кој ги обзел нивните семејства, бараат простор за игра, во вагоните тргнати за далечната Полска во кои има едвај место за стоење.
„Светилка за Ханука“ од Томислав Османли (2008)
Мириса на пролетни цутови.
„Светилка за Ханука“ од Томислав Османли (2008)
Прозорските стакла во барот одвај ја издржуваа силата на пролетната трамонтана, но тој носеше некакви пижами од груб памук и селски сандали.
„Црни овци“ од Катица Ќулавкова (2012)
Она што во меѓувреме успеа да го дознае за тој крлеж, го дотепа: дваесет и две години, единец од богата фамилија, декоратор на излози по модерните дуќани, проследен со невнимателни озборувања за неговата бисексуалност и добро втемелениот углед на платен утешител на омажени госпоѓи.
„Црни овци“ од Катица Ќулавкова (2012)
Мајкината книга беше најобичен каталог на големата италијанска стоковна куќа Ла Ринашенте, во најголемиот дел посветен на пролетната мода во 1949 година.
„Ервехе“ од Луан Старова (2006)