низ (предл.) - сплет (имн.)

На секои неколку чекори Сара нѐ замолуваше да подзастанеме, не затоа што ѝ беше тешко да оди, туку затоа што сакаше да се загледа во оние нешта покрај кои ние минувавме без да ги забележиме, затоа што беа дел од нашето секојдневие: мајка и дете седнати на клупа им фрлаа трошки на гулабите, сликар стоеше покрај штафелајот и сликаше една бреза, девојка водеше под рака слепа старица и ѝ раскажуваше за светот што се пружаше околу нив, две деца копаа во земјата со рацете а нивниот татко читаше весник и не забележуваше како тие пронаоѓаа црви, млад човек се беше сместил како на фотеља на гранката на огромниот даб и потсвирнуваше, момчиња играа со топка.
„Сестрата на Сигмунд Фројд“ од Гоце Смилевски (2010)
Брат ми ја придржуваше Сара под десната, јас под левата рака; беше бујна пролет, а ние минувавме низ сплет од слики со распалени бои, низ симфонија составена од звуците на природата, низ море од мириси.
„Сестрата на Сигмунд Фројд“ од Гоце Смилевски (2010)
И префлајќи ја војничката торба преку рамо, појде пред него нишајќи се со широките плешки како да се пробива низ сплет од гранки.
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)