со (предл.) - копито (имн.)

Неговите скрипти ги згазна коњот со копитото, како свесно да знаеше дека токму така треба да се држи спрема него, да му се потсмее презриво за сета мака што повеќе од едно десетилетие го превива над смислата на овие извалкани и побледени табаци.
„Послание“ од Блаже Конески (2008)
Гледајте колкави му се - им се сврти тој на девојките - и ајде човек да се бори, кога гази со нив како со копита”.
„Послание“ од Блаже Конески (2008)
Ударот со копитото, токму на сред чело, не можел да биде насочен токму точно од бесловесно животно. Него го водела човечка рака...
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
Црвен коњ како црвена луња светка на месечината. `Ржи, трча низ ноќта околу стожерот, Скока врз згаснатото сонце на ожнеаното класје И жестоко го втиснува со копитата датумот на јули врз огнот на заспаните љубовници.
„Љубопис“ од Анте Поповски (1980)
Им ги откриваше во душата раните што животот како бесен коњ им ги оставил со копитата, - и со благи зборови, како мелем, им ги зацелуваше.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
Тупотат со копитата Удираат во земјата, во каменот Ја враќаат довербата во пламенот Со кој внимателно треба да се ракува Пред да се потпали летото Пред да легнеме на ледина Да се одмориме.
„Забранета книга“ од Веле Смилевски (2011)
Го познаваше како својата дланка тој заплиснат челичен порој, тој незадржливо вивнат струеж, ја знаеше најмногу таква, дива, а сепак скротена, спитомена, многу често ја имаше во своите раце и владееше со неа како што ќе посакаше, крај неа се чувствуваше како да беше јавнат на некој разигран бинек, што корне искри со копитата, вивнат суза а мирен, и ја сакаше најмногу заради таа нејзина незаздишеност, заради таа сигурност, постојано во некој лет, секогаш, со секое ново движење, сѐ со по некој нов писок, на кој што ни еднаш не е возможно да свикнеш и да ти биде обичен, бидејќи тоа е нејзиниот говор.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Онисифор Мечкојад во тие мигови чувствувал дека нешто однатре го присилува да се исповеда некому, да бара воздишка на разбирање и збор што ќе го утеши здрвен и со болка во петиците.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Во некаква мртовечки зелена светлина што му лежела од другата страна на очите гледал танконог белец со проѕирна кожа како удира со копита крај гол куп месо на својот господар, потоа со нечујни скокови доаѓа до јама на чии запалени гранки догорува облеката на неговиот јавач, ја крева муцката кон небото и пишти со детски глас; под гранките догорува мртовецот и никој не ќе знае кога ќе му ја најде черупката дека жилата на челото била сечена - нејасна вина, ништо повеќе, грч на душата што се јавнувал само ноќе; гори мртвиот Дмитар-Пејко, коњот ја издолжува уште повеќе танката шија, копнее по сребрената 'рж на небото или му се моли на некој коњски бог да му ги исцери раните од селанските секири и колови; на жилава гранка зад карпите под кои пред тоа била дружината се мавтаат на ветар скинати узди.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Боге му свирна да се тргне од патот, но јарецот не се ни мрдна - само ја проследи со главата колата како го одминува, со поглед потценувачки ако не и пцувачки, па дури и не затупка со копитата по асфалтот.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Коњите под нив ’рзнуваат, копаат камен со копитата и не мрдаат од место.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Како извор како глечер што под карпата се буди Искачен на лесни нозе а со копита од кремен Облак пенлив што го знае секој камен секој срт А по дното на поилото само еднаш кај ќе згазне растат млади месечини.
„Посегање по чудесното“ од Србо Ивановски (2008)
Некои од нас сонуваат необични животни со гриви возвратени околу вратот со набрекнати и за кас спремни бедра како млади гиздави девојчиња со копита за долги копкања суштества што ’ржат и се пенат од милост што се топат суштества на јаве невидени невјавнати, на лов неоднесени би рекол и незауздани, неоседлани неразждребени а не знам од каде ми навираат зборовиве непознати како животните и бистрооки.
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)
Мукаа и ја корнеа земјата со роговите и со копитата.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
А коњот копа со копитото, буричка со муцката во снегот, бара трева за пасење.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Телето само тупка со копитата, врти со опавчето, ко ѓаволско врапче мрда со опавчето и ја шиба кравата во вимето. А вимето празно, не се полни без пасење.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)