друг (прид.) - грд (прид.)

Ракијата ме фаќаше полека ама сигурно, оти сонцето биеше ужасно; некој понуди и тревка, и јас, ненавикнат на неа, во еден миг видов светлина; помислив дека таа светлина не е од овој свет, дека тоа ми се јавува Бог; беше тоа светлина виолетова, еднаква во сите свои делови, совршена, постојана, оти не беше една во едно време и инаква во друго време, ниту за едни убава, а за други грда; беше тоа светлина преподобна; помислив дека можеби веќе сум во некој друг живот, дека сум умрел и дека ми е доделено некое ново тело; верував во реинкарнација, и таа помисла ме возбудуваше.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Светлина што е убава, а убава е затоа што е убава во исто време во сите свои делови, затоа што е убава секогаш во исти односи и на ист начин, затоа што ниту настанува ниту исчезнува, ниту се зголемува ниту се смалува; затоа што не е во еден дел убава а во друг грда, ниту пак во едно време убава а во друго грда, ниту пак по однос на една ствар е грда а по однос на друга убава, ниту пак на едно место е убава а на друго грда, ниту пак за едни е убава а за други грда, туку сама по себе е убава сега, секогаш и во вечни векови, секогаш сама на себе подобна по форма, светлина што во себе го носи изворот на убавината: светлина, музика и боја.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)