мирен (прид.) - или (сврз.)

Од ова место, од овој брег, Профим наутро прв узнава каков ќе е денот; прв наутро со очите шета по езерото, и по неговата мирна или разбранета површина, заклучува каков ќе е денот: убав или лош; одовде тој прв го здогледува и раѓањето и умирањето на денот; одовде прв на дланка ги дочекува дождовните капки, првите снегулки, ветровите, маглите; по сите пролетни и есенски поплави што го зафаќаат селото, тој прв излегува од куќата како дедо Ное од ковчегот, и проверува што сторил господ; што однесле суводолиците од селото, а што оставиле; одовде тој секое утро се прекрстува кон манастирчето Св. Арангел, молејќи го за здравје и долг живот.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
- Направи пауза отец Иларион и продолжи: - Душата е корен во човекот; како што од коренот на дрвото се храни стеблото, гранките, лисјата, плодовите - така од неа се храни телото, видот, слухот, говорот, волјата, свеста и сè што човекот има; таа е извор од каде сѐ почнува и сѐ враќа; огледало севидливо; владател и роб; таа е целина како сонцето; сеопшта суштина; сила што обновува како соковите што го обновуваат сувото стебло давајќи му нови израстоци; таа е бунар во кој водата е матна или бистра, мирна или замрешкана; светлост затворена во пештера од крв и месо; зрачи, или потемнува; пламен и пепел; камен гранитен или прашинка; оган кој дур е под контрола е благодет, а потоа пустошник; какво тело носи, таков лик има; со менување на телото, и ликот си го менува; по неа се чита и открива човекот; често е читлива, а често загадочна; некогаш ти допушта да ѝ се вдлабиш и да ја видиш, а некогаш за миг ќе те заслепи како поглед во сонце; некогаш е живо железо што тече, поток без форма; кораб на отворено море; пространство огромно, но и теснец затворен во тајните свои; нѐ држи цврсто како градба, верно нѐ придружува, но не знаеш во кој миг ќе нѐ изневери...
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
Само беше неизвесно дали тоа ќе се случи по мирен или по радикален пат: од неговите профилирани наследници - премиерот Мзали, како и министерот Бен Сајах, наводно поддржуван од Американците.
„Амбасади“ од Луан Старова (2009)