нестрплив (прид.) - да (сврз.)

Во претходниот ден на ова место инженер Александар беше откопал мраморно стапало од човечка нога, па сега, нестрпливи да дознаат понатаму, зафатени од истражувачката треска, сите копаа со мисла: ќе успеат ли да го пронајдат и телото од скршеното стапало.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Татко ја остави земената книга, се врати крај грчкото знаме, спроти Мајка, нестрплив да дознае дали, конечно, грчкото знаме било истакнато на чатијата од нашата куќа.
„Ервехе“ од Луан Старова (2006)
Едо стануваше нестрплив да почне да работи.
„Продавница за љубопитните“ од Мето Јовановски (2003)
Штом ја отвори вратата од кошарата, говедата едно преку друго истрчаа надвор, па нестрпливи да стигнат до поилото и да ја изгаснат жедта, лижеа од снегот.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Тој спокојно се насмевна и мирно, многу мирно, како да не ја забележува мојата невешто прикриена нервоза, рече: - Да, и јас бев нестрплив да те сретнам.
„Игбал, мојата тајна“ од Јагода Михајловска Георгиева (2000)
Довршува еден превод и му се моткаат во главата неколку идеи за раскази, а е и нестрплив да види од која идеја каков расказ ќе излезе, ако излезе.
„Продавница за љубопитните“ од Мето Јовановски (2003)