седнат (прид.) - во (предл.)

Ѝ кажав уште првиот ден кога кашлаше: „Само не легнувајте! ... Останете седнати во креветот!“
„МАРГИНА бр. 19-20“ (1995)
Лонецот со вода се грееше на огништето и мајка ми со тенџерче ми истураше полека од истата, а јас седната во длабокото дрвено корито со миризливиот сапун генерално се триев и миев.
„Животот од една слива“ од Зорица Ѓеорѓиевска (2014)
Арсо стои збунет и среќен. Час црвенее, час бледнее пред гостите седнати во два реда пред него.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Пире, пире, им викаат Паун Радевски и Филип Хаџиевски, седнати во снегот.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Ја запомнав одредницата од Тато. Еден ден, додека чекавме седнати во портокаловиот Фиат 1300 на раскрсницата кај црквата Св. Никола од исарските куќи се спуштија неколку моми.
„Календар за годините што поминале“ од Трајче Кацаров (2012)
Утредента авторот во „Златното буренце“ ги најде една група од петмина седнати во длабочината на ресторанчето, околу маса претоварена од скара, чаши и литарски шишиња Смедеревка и Пелистерка.
„Продавница за љубопитните“ од Мето Јовановски (2003)
Нѐ сними момчето седнати во истото бистро во кое некогаш тука седел и Пол Фо и не забележавме колку невино и безгрижно се населивме на фотографијата од која веќе никогаш нема да излеземе.
„Две тишини“ од Анте Поповски (2003)
Ги гледаше своите родители седнати во собата крај огнот, занемени, со скрстени раце, со црни мисли и тешки грижи.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)