тежок (прид.) - пубертет (имн.)

Климакс Некаде прочитав дека само невоспитани деца поминуваат низ тежок пубертет. A прости, необразовани жени тешко поминуваат во климакс. Aма и за споменатите, и за другите, сепак, тој има заеднички симптоми: - силни врелини кои ве обземаат одеднаш само во одреден дел на телото,како да го печете во рерна или го дувате со врел фен, - капки пот што по линијата на веѓата се спуштаат по рабовите на лицето и буквално капат додека стоите во автобус полн со луѓе закопчани до грло во топла зимска јакна, - отсуство на желба да бидеш интимен со некого, па дури и со љубовникот,а за со мажот ич да не зборуваме, - силни налети на нервоза, во која трчаш низ куќа и бараш некого буквално да го изедеш, - чувство дека си болна од сите болести што ги прележале твоите пријателки и дека ги имаш истите симптоми на сите епидемии, птичји, свински, грипови, грутка во грло, јазол во желудник, срцебиење, камен во бубрези, тиња во жолчка, - потреба од „шопингување“ на енциклопедии за здравје, здрава храна, вежбање пилатес дома и во друштво, - отсуство на секаква желба да одиш по гости, а уште помалку некој да ти дојде, - убеденост дека си најпаметна, - ама и потреба да се биде зајадлива, џангризава, самобендисана, лоша, злобна и одмаздољубива За среќа, ова трае само десетина години и, кога ќе помине, сè се враќа во нормала, освен некои небитни промени: мажот си заминал, а не си ни забележала, децата не заминале, останале, ама ти се лути до смрт, а ти повторно со истата сила и енергија како од младоста, се трудиш да им угодиш во сè, ама нема „feedback“.
„И ѓаволот чита пРада“ од Рада Петрушева (2013)