многу (прил.) - и (сврз.)

Ги водеше колите опитен старец што в мака препател многу и видел.
„Сердарот“ од Григор Прличев (1860)
Од сето горе речено се гледа оти бугарските арнотии за нас Македонците ни најмалку не се разликуваат од српските, но затоа пак нѐ чинат стопати повеќе: 1/ за бугарското име што ни го подари Егзархијата82ние ги зедовме на себе сите добрини што се врзани со него и со кои се украси тоа име во најновата историја на Балканскиот Полуостров. 2/ за бугарските училишта и бугарското „покровителство” на нашите интереси ние немаме никакво сочувство од страна на Русите, не затоа што тие ги мразат Бугарите, а по тие причини што тие толку многу направиле за Бугарите, колку за никој од словенските и православни народи: излегува оти тие и за нас Македонците направиле многу и немало зошто уште нешто да очекуваме од нив.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Не мина многу и чу ропот од внатрешната страна на портата.
„Продавница за љубопитните“ од Мето Јовановски (2003)
Никој умен на лицето од Земјата не можеше да го прочита, иако Граматици викав многу и многу товари азно сум дал за да узнаам.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Се кикотеше толку што мораа да ја смируваат; на Фискултурецот пак, му остави силен впечаток што Луција толку многу и слатко се смееше, па го повторуваше тоа и на следните неколку часови; но ефектот не беше ист, иако Луција се смееше како навиена.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Националното е еден вид политички камен кој на сила му се става околу вратот на човекот расположен да лета; со него се задржува човекот да остане во своето село, до својот нужник, да не отиде во светот, да не види дека постојат многу и различни светови.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Но, ако неговиот поглед не изразуваше чудење како кај луѓе што виделе многу и престанале да се чудат, или како кај оние што не виделе ништо па сѐ земаат за сфатливо и нормално, тој повеќе изразуваше тага премината во тапост, небаре не гледа во тоа што гледа.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Не возбудуваа многу и не му служеа на чест неговите чести наоѓања на мали волчиња за кои патем земал награди, не беа многу возбудливи ни приказните во кои тој ги труел волците, а потоа со нивната кожа, исполнета со слама одел по селата, собирајќи дарови.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Не помина многу и пак еден нож ми помина покрај уши.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Силјан беше многу гален и од татка и од мајка, чунки од многу синови Божинови само Силјан беше останал жив, та од тоа беше гален многу и беше го ожениле уште на шеснаесет години и на седумнаесетте години му се роди на Силјана едно дете машко, му го викаа Велко.
„Силјан штркот“ од Марко Цепенков (1900)
Коа видел царот, на чудо станал како да ѝ натокмит момчето пак зајаците.
„Македонски народни приказни“ од Иван Котев (2007)
На тоа згора, го послушал царот момчето и напраил три чардаци на едно широко место, та повикал сио град, мало - големо, да гледаат сите коа ќе му 'и дават трите вреќи со лаги момчето.
„Македонски народни приказни“ од Иван Котев (2007)
Царицата и самиот цар се сториле тебдил и еден по други беа ошле кај момчето, та беа му купиле по еден зајак за како од како да му ѝ скусат зајаците, арно ама момчето било итро како некој ѓаол, тики ѝ сетило и царот и царицата, та му зело пари многу и му удрило по еден муур на буто.
„Македонски народни приказни“ од Иван Котев (2007)
Никогаш Мајка не ни зборувала толку многу и за толку значајни настани од историјата на семејството. Ние сега си се чувствувавме позначајни.
„Ервехе“ од Луан Старова (2006)
Стои Толе над посатките и сеедно зборува: - Стомниња, бардиња, грниња, вика, не ќе оди ова за многу и мечката од Москва ќе се опсени и за нас, стомниња, бардиња, грниња и ќе видите, вели, како што слушам јас, стомниња, бардиња, грниња ќе прави војна и за нас, вели, па уште ние останавме без држава, вели, стомниња, бардиња, грниња, на сите околу нас им даде, вели, стомниња, бардиња, грниња, зар другите ѝ се породнини од нас, вели и ги крева стомнињата едно по едно, го чука со претите и после дува во нив да видат луѓето дека никое не тиши.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)