небаре (прил.) - ја (зам.)

Нејзиниот маж не ги слушаше советите на мајка ѝ која изроди толку ќерки, тој забрзано ја водеше и неа кон нешто што влече посилно од смрт, од погибел: небаре ја жртвуваше и неа покрај себе.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Толе го покани на излегување и Крсте, а овој пред да се реши, ја погледа Нешка, небаре ја праша: „Да дојдам ли?“
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Мустафа ефенди е оварда кога се работи за наши пари, вели Максим и ја преместува тутуката од десната во левата рака; првин полека, претпазливо, ги симнува панделките од неа, потоа се навалува нанапред и со лицето на дланката на десната рака ја чисти, небаре ја мазни, тревата пред себе.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
И сега, греејќи се покрај овој гопем оган запален сред црква, со опуљ лакомо свртен кон иконите не за да се молиме, ами за да ги изгориме, небаре ја уништуваме целата надеж ние, борците за народна власт.
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
Алајко и Мире застанаа скаменети. Слушаа и во миг со гордост, ги стегнаа десните раце во тупаници, ги кренаа на челото како поздрав, небаре ја слушнаа државната химна или звуците на Интернационалата...
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
Мајка ми, небаре ја следеше сенката на сонот на татко ми, до колку и неа не ја повтасала дремката, ќе дојдеше, ќе ја изгаснеше ламбата, ќе ја оставеше книгата настрана, означувајќи ја последната прочитана страница, ќе го покриеше полека татко ми, за да не го разбуди.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)