потоа (прил.) - некој (зам.)

Човек понекогаш мора да си го направи ќефот, за потоа некое време да биде мирен. Како бубалка во влечки.
„Сонце во тегла“ од Илина Јакимовска (2009)
Бидејќи тоа беше еден вид работилница со многубројни истражувачки активности, наскоро потоа некое дете откри дека каучукот се кине и друго дека гори, па сите се вдадоа кој повеќе парчиња каучук да накине од прозорците на колата за да имаат цркала како оние што возрасните ги вадеа од гранатите останати по планината од последната војна и кои ноќе на брезничанчињата им овозможуваа забава до зајдување.
„Човекот во сина облека“ од Мето Јовановски (2011)
Потоа некој од персоналот стана и ја покани за танц; таа стана и одигра со него.
„Животраг“ од Јован Стрезовски (1995)
Со треска во гласот потоа некое од децата ќе се осмелеше да праша: - Ами ги нашол ли човекот своите деца, чичко Лентен?
„Големата вода“ од Живко Чинго (1984)
А едно момче во бело, со некаква чудна подуеност на модрото лице од студот, оди напред пред сите, со барјачето и со белата наметка што ги даваат во црквата за таквите редови, додека тие стојат со сонати капи крај патот, сигурно враќајќи се од училиштето во тоа зимно пладне со еден силен и црвеникаво нечист одблесок на сонцето од зад валканите облаци, и засипнатиот селски поп со извиткан тенок како штичка блед нос и со проседавени валкани сиџимки нечешлана коса, спуштени по измрсените рабови на свечената одежда пее бесчувствено и колку да помине редот одвреме навреме: „Вечнаја памјат, вечнаја памјат“, затегнувајќи на секое „а“, а потоа некое од сите тие деца крај патот вели: „Дојдете“, и тие заминуваат со поворката кон гробиштата.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Одбра неколку убави јаболка за себе, одбра потоа некои ситни и некои што беа почнале да скапуваат, стегна под мишката и малку сено, па грижливо затворајќи ја вратата, се врати во колибата.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)