секогаш (прил.) - чист (прид.)

Кошулата не мораше да му е нова, но секогаш чиста, испрана и испеглана, со закрпени лактови и изедени манжетни, а вратоврската секогаш иста, еднобојна и темновишнова, во знак на протест што уште во младоста му било забрането да врзува црвена врска.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Едо беше по природа чист и уреден момчак, со секогаш чиста облека и чевлите светнати, но сега, по средбата со Германија, откако го доживеа нејзиното чисто тело и за да ѝ биде дораснат, почна посебно да обрнува внимание на себе.
„Продавница за љубопитните“ од Мето Јовановски (2003)
Некогаш, во далечното детство, како што му се чинело на Лозан Перуника, неговиот дедо со благо лице на старински јунак го завиткувал во својот дебел и секогаш чист кожув, го држел на скут и го упатувал в живот преку прикаски во кои победувала храброста и чесноста.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Седумте кадрави трубачи од Откровението на Новиот завет ѝ се кикотеле на земната беда скриени зад прв тежок и вистински пролетен облак што ветувал плисок од кој ќе се избатачи патот за утрешните маки на дваесет и деветмината или еден повеќе со дваесет двоколки и четириесет воденички камења до тој ден веќе прескапо платени...
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Тој ќе се грижи, ќе стравува за неа, а сцената ќе биде секогаш чиста и подготвена за да ја изигра боженствената ролја, да ја пласира боженствената реч.
„Календар за годините што поминале“ од Трајче Кацаров (2012)
- УЧИЛИШНИОТ ДВОР ни е секогаш чист!
„Тополите на крајот од дедовата ливада“ од Бистрица Миркуловска (2001)