и (сврз.) - пајажина (имн.)

Стоеше на прозорецот, низ кого денот ги процедуваше своите малукрвни, придушени одблесоци во неговата одајка, по ноќта, чија што црна темничина ја разнесуваа на парампартали оние гладни завивања на дивината, пробивајќи се при тоа и во неговиот сон, а сега поминуваше со дланките по рамениците, што му беа тврди, еден огромен, црвенокос човек, а врзан во таа зачмаеност; секоја нишка од неговите мускули, навикнати секој ден да го имаат она живо оптегнување и да просребруваат притоа сега беше останата да изумира во таа самота; секоја негова мисла, навикната постојано да ја има во себе смислата на она, што го работеше, сега, кога немаше што да се чини и на што да се мисли, остануваше пуста, како катче полно застојаност и пајаџина.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Наредните денови по доаѓањето, Богдан започна да ја средува куќата, да ја чисти, да го брише правот и пајажината, да ги брише црнилата на прозорците за да влезе светлина, да ја осветли мрачноста внатре; го истружи подот и им го врати на штиците изгубениот изглед и сјај; ги вароса ѕидовите на собата и внесе свеж здив; го измачка со малтер ѕидот кај водарникот што го изела влагата; ги ископа оние влажни, позеленети флеки на некои места на ѕидовите што не ги покриваше и обелуваше варта и кои му личеа и го потсетуваа на земјата што ја врвел и повторно ги малтериса и вароса; ја подмачка вратата да не чкрипат резињата, ги дотера прозорците да се отвораат и затвораат; ги поправи федерите на креветот да не пропаѓаат.
„Животраг“ од Јован Стрезовски (1995)