или (сврз.) - нешто (зам.)

Тој час некој или нешто се засенува од таа страна на прозорецот, потоа тивко и претпазливо тропка на џамот.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Од дотука реченото се гледа: прво, оти ако по нашите сегашни етнографски сфаќања на Балканскиот Полуостров, особено на централниот и југоисточниот негов дел, т.е. во денешна Србија, Бугарија, Тракија и Македонија имало и има само две словенски етнографски единици – српски и бугарски народ, тогаш тоа уште не значи дека нема, немало и не може да има друга словенска единица, а напротив, дека нејзиното постоење е во пределите на возможното и на реалноста; второ, дека во Македонија нема две јужнословенски народности – српска и бугарска, а напротив дека во неа има само една народност со свои особини, коишто или претставуваат нешто оригинално што се нема ни кај Србите ни кај Бугарите, како што е, да речеме, со многу особини на македонските наречја, или нешто што се има и кај Бугарите и кај Србите или коешто се има само кај Македонците по краиштата на нивната татковина и кај Србите, или пак по нив и кај Бугарите, и дека од тие особини на Македонците, како дел од словенската група народи, најмногубројни, најраспространети, заеднички за сите Македонци, значи и најважни се тие особини со кои Македонците се одличуваат од другите словенски народи: по нив Македонците фактички составуваат одделна и самобитна словенска народност, иако за неа денеска не се зборува во науката и во секојдневниот разговор; трето, дека причината за тоа игнорирање и затемнување на постоењето на македонската народност се крие во постоењето на името „Бугари” во Македонија во етнографско значење и во експлоатирањето со него од страна на Бугарите.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
„Хогар“ или „Освојувачи“ или „Викинзи“ или нешто слично.
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
Не можам мирно да спијам. Ме тормози некој или нешто.
„Читај ми ги мислите“ од Ивана Иванова Канго (2012)
Времето ќе покаже дали тоа било моментална треска или нешто позначајно.
„Читај ми ги мислите“ од Ивана Иванова Канго (2012)
Дали уште од Драч, кога ме презеде бродот или нешто подоцна.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Што шепотел килавиот Јаков во тие ноќи - Спиј, главо, со крст над чело? Или нешто друго со непознати зборови?
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
И кога ноќе, шепотејќи со дланка на уста молитви, ќе се сетел за таа глава, умирал; не можел да не мисли дека нејзиниот труп гние во призрачната куќа-кула чија чкртава врата непрекинато ја отворал и ја затворал лут северен предвесник на долга и тешка зима низ чии виулици ќе се тетерави безглава сенка на еден непокорен поет, оној што пеел помеѓу истрели за своите неродени деца и за нивната непозната мајка меѓу ѕвезди и сини пеперуги.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Маќеата Тимка го вадеше лебот од фурната и ми викна: Миле, што сакате за вечера да ви подготвам, прженици со сирење или нешто друго?, а јас ѝ реков: За мене не е важно, зашто јас не бирам ништо.
„Три жени во три слики“ од Ленче Милошевска (2000)
Дали нешто нагази или нешто го начара, дали некој му наврза нешто, којзнае што му стана за да не може да си легне со невестата.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Ќе ме сменат за некој нивни офицер или нешто ќе разберат. Вака и јас ништо не разбирам.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)