босилек м.

босилек (м.)

Ја гледаш Симка? Чиста ти ја давам како роса, како солза, како китка босилек!...
„Печалбари“ од Антон Панов (1936)
Претпазливо ѕирна низ сивиот плот потоа ја отвори дрвената врата и ме повлече во дворот, во густ босилек и во некое жолто ситно цвеќе.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Се изгубија сенките, сѐ пропадна во темница, во оној есенски сон, опоен како мирис на босилек и длабок како мајчина тага.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Босилекот се вовира остро, ја корне и растресува душата, додека шебојот гали, опива, слади, тера на дремка сладосна.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Шебоите веќе расцветале. Тие цветаат рано, како и босилекот.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Тука е и широкиот предел на летото што трепти врз ретката 'рж што се плетка во ченките што чади над возбудените трмки босилекот што ги прибира.
„Липа“ од Матеја Матевски (1980)
Сѐ што не си јал мислиш дека не се јаде, вели. Ја закачувам потката во градината и гледам дали никнал босилекот.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Си беше еден човек и си садеше грав, пиперки и босилек, сееше ’рж и јачмен, ораше, влачеше, едниот вол му бегаше од браздата, и волот го тепаше по муцка, му пушташе крв од муцката на волот, и после муцката му ја држеше в раце и го милуваше.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Или на некој миски сапун, на некој див босилек.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Но тој не знаеше дека додека младите газеа лепешки, бабите, во пондилите, топлеа полни котли вода, во која имаа ставено и боливач и босилек, за приквечер, кога снаите и чупите ќе ги изналепеа лепешките, да се измијат.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Во рацете жените носеа китки невен и страк босилек.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
Тогаш, о, возљубени читатели, почувствував како некое топло ветре со миризба на босилек и темјан ми ги наполни градите и прилегна на местото, на празнината кај што ми беше срцето.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
По десетина минути, стариот го симна торбулето од рамото и од него извади две жолти дуњи, две суви китки босилек, едно крајче мувлосан леб и празно пагурче.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
Куќата беше во низата постари двокатни, градени во отоманско-западен стил, повеќе со дрво отколку со тули и со камен, коишто Татко силно го потсетуваа на босфорските јали 2, од цариградската младост, со мали градини напред, со каранфили, со трендафили, со стракови жолто-зеленикава анамска рака кои ползеа ниско по ѕидовите, и со бавчи одзади, во кои се садеа магдонос, босилек, нане, бамји, секакви рани и доцни зеленчуци и зачини.
„Ервехе“ од Луан Старова (2006)
Од брашното што го добивавме со социјалистичките купони, но и од црната берза, Мајка, според рецептите од гастрономскиот дел на Ла Ринашенте, ја дополнуваше својата балканска симфонија во развлекувањето на тестото, во дотогаш за нас невидени форми на макарони, лазањи, равиоли, дополнувајќи ги со сокот од доматите кои ги одгледуваше во градината во која садеше босилек, но и каранфили и трендафили.
„Ервехе“ од Луан Старова (2006)
По тие групи имаше собирања во паркот каде што некој ќе се најдеше на договорената клупа да задрнка на гитара, кошкање парталава топка по длабокиот песок на дивата плажа, ненадејни прошетки со позајмен велосипед по насипот покрај реката од градот до предградието, непланирани потсвирнувања на другари во темница кога под прозорецот не очекуваш ништо друго освен мирис на босилек.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Полека ѝ се доближува Дејан, толку многу што му ја чувствува кошулата која мириса на свеж босилек што и нејзината мајка го редеше во шкафот со нејзината облека.
„Светилка за Ханука“ од Томислав Османли (2008)
Се разбудив со долгата ти коса замотана околу вратот а сѐ уште мирисаше на босилек и на тебе мирисаше, залепена кожа врз мојата под чаршавите од кожурот на утрото-во собата со црвени барокни завеси;
„Омајнина“ од Афродита Николова (2010)
Пред Митровден го берев босилекот, китка врзував - босилекот и сув мириса - таговно мириса...
„Молика пелистерска“ од Бистрица Миркуловска (2014)
Патописецот Евлија Челебија, при неговата посета на Скопје во 1660-1681 година, забележал дека градот имал над две илјади години, со плоштади и пазари, со сводови и куполи, во кои доминирала централната чаршија со сокаци чисти и калдрмисани, со опојни миризби на босилек, јоргован и крин во вазни саксии.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)
Повеќе
FlexiMac
 менување на македонски глаголи
ДИГИТАЛНИ РЕСУРСИ НА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК