наведне св.

наведне (св.)

Жените и девојките наведнале глави и, со насолзени очи, ја слушаат песната на разделбата без протест, без крик).
„Печалбари“ од Антон Панов (1936)
ТЕОДОС: (Тргнал по Кева, се загледува во подот, се наведнува и дигнува мала сламка од метла.) Ете како чистат!
„Чорбаџи Теодос“ од Васил Иљоски (1937)
По тоа ја наведна главата ниско до книгите што беа пред него на маса и не ја крена веќе.
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
- Стој, рикна Кузман. Се наведна и ги збуца долгите прсти во меката земја.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Кузман и Баждар послушно ги наведнаа главите и појдоа.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Човек се наведнал над сандакот со брашно, црпе го грстови и полни торба.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Моливот ѝ падна од раката еднаш, и падна двапати, но кога се наведнуваше да го земе, целата беше завртена со тилот кон Крстета.
„Крпен Живот“ од Стале Попов (1953)
Даскалот Бино ја наведна главата. И додека по малку се надеваше да го поканат да си го земе старото место — даскаллакот, една вечер го најдоа во Село Манастир неколцина четници — поправо воени дезертери што ги бркаа со Јована — и го фрлија жив од една стена блиску до селото, во еден длабок процеп, од каде што ни орлите не можеа да го изнесат.
„Крпен Живот“ од Стале Попов (1953)
„Кажи сѐ што знаеш“, пак се наведна агентот над него.
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
Ја земам секирата. Му велам да се наведне, тоа не ќе му е тешко зашто земјата веќе го повикува.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Кога стариот Бен Џонсон од Оклахома се наведнал над неа, го видел својот сув лик во нејзиното млако око и заплакал.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Кога одблизу го видов сцрвенетото уво на Цанета, и не сакајќи реков: - Квак! Тој тажно се наведна.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Кога ќе се наведне над него да се увери дека навистина тие очи се голи и црни на црвено небо, ќе го сфати големото предавство со тој удавен шепот.
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
И пак се наведна. Стана камен а сѐ околу него беше камен. И каменот и полжавот и тревата. Сѐ. И земјата и небото.
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
Три пати подолги ми пораснаа прстите три пати посилно стегнав со забите се наведнав и го префатив вратот на твоите камењари за да те бацам.
„Вардар“ од Анте Поповски (1958)
Старецот уште повеќе ја наведна главата и си замисли.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
- Каде очи гледаат! - одговори полека Прокоп и ја наведна главата, не можејќи од срам да гледа повеќе во Аргира и во другите околу огинот.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Тогаш во собата на Отец Симеон набожно дојдоа браќата и со неизмерна меланхолија во очите покорно се наведнаа.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Се и сака да ме совлада со формулите на своите школски калапи, да ме натера да ја наведнам главата, да се повлечам. „Не“, рече. „Не, докторе.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Востаникот-тобџија се наведна со запалена борина над горниот отвор од топчето и, пред да го запали барутот, проговори: - Ајде, братку, покажи си ја силата...
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Повеќе
FlexiMac
 менување на македонски глаголи
ДИГИТАЛНИ РЕСУРСИ НА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК