нишка несв.
нишка ж.

нишка (несв.)

Тој тажен го почувствува припекот на сонцето и го виде шишето во вирчето под кладенецот како, нишкајќи се, плива по површината.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
Грубо му се закопуваа во рамото нечии прсти. И го нишкаа.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Високата георгина уште повеќе се исправи, белите хризантеми си ги раширија листенцата подавајќи се на нежното милување, паднатите, жолти лисја подлетнуваа, а трите розови пупки - лесно нишкајќи се расцутеа од радост...
„Градинче“ од Бистрица Миркуловска (1962)
Ја врза нишалката, го качи братчето и ѝ нарача на Благица да го нишка внимателно.
„Градинче“ од Бистрица Миркуловска (1962)
Та тие беа го нашле некаде и сега го однесуваа некаде него; а она ритмично и претпазливо нишкање доаѓаше само од нивните куси чекори, со кои што одминуваа тие, внимателно однесувајќи го.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Можеби ниедно живинче не ја преживеало оваа стравотна ноќ?“ - размислуваше момченцето, кревајќи се на мускулите од рацете, така што со устата ја бакнуваше напати студената, исчадена греда, па бавно се спушташе, нишкајќи се притоа со целото тело.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Сонуваше: некој му го поткопува ѕидот од куќата откај патот и му става експлозив да го руши; истрчува Бандо со пушката надвор, вика по тие невидливи минери во мракот, пали фенер, ја бара дупката со експлозивот; никаква дупка и никаков експлозив нема, но го слуша фитилот кој шишти, кај што гори, му оди по шиштежот, го бара, никаков фитил не може да најде; врти околу куќата и го слуша ветерот што шумоли во сувите трски; легнува повторно да спие, но токму тогаш силна експлозија екнува и ја руши куќата; скокнува Бандо од постелата, стрчнува низ одајата, излегува надвор, но гледа никаква експлозија нема, никакво рушење на куќата; гледа езерото се нишка полека, мирно, гледа месечината прпелка во него како риба, превртувајќи се на мев; селото е глуво, заспано; само од далечина одвреме-навреме се слуша некој посилен пукот од фронтот.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
По неговата површина се нишкаа дрвените предмети од куќата, садови, делови од постелите и сето она што водата истргала од куќата.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Французинот нишкаше со главата потврдувајќи му.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
Безброј пати ми раскажува: ме бањала кога сум бил бебе, перела и спростирала пелени, ме развиткувала и повиткувала, ме нишкала и ми пеела - Думба, думба, детенце, баба празно вретенце, - и - Цуцул пасе говеда - и ми кажувала многу други броенки и залагалки.
„Клучарчиња“ од Бистрица Миркуловска (1992)
Креветот почна да ме нишка и да ми пее.
„Лек против меланхолија“ од Реј Бредбери (1994)
Над нив голи гранки што благиот ветер ги нишка со надеж дека ќе се наведнат толку многу што ќе можат да го досегнат расфрланото злато и да си го врати пак на себе. Не! Не се досегнува!
„Црна билка“ од Ташко Георгиевски (2006)
Го позна по куцањето, фигурата што ја виде се нишкаше пострана, со надесната страна клапкаше со одот.
„Ветришта“ од Радојка Трајанова (2008)
Се излежував на Хаваите, нишкајќи се тивко под чадор кој ме криеше од топлото сонце.
„Ниска латентна револуција“ од Фросина Наумовска (2010)
Со раката тој зграби друга тула и мускулите на раката, под лактот, му се нишкаа на сонце.
„Невестата на доселеникот“ од Стојан Христов (2010)
FlexiMac
 менување на македонски глаголи
ДИГИТАЛНИ РЕСУРСИ НА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК