мезе (ср.)

Проштавај, куме! Што дал господ! (Вади од пазува раскречена виљушка, набодува една дробенка и му дава на кумот.) На, куме, мезе! Декшавај!
„Чорбаџи Теодос“ од Васил Иљоски (1937)
КОТЕ: Маро мор, немаш некое пиперче туршија за мезе?...
„Парите се отепувачка“ од Ристо Крле (1938)
Чекај тогаш, да цицнеме уште малку од пагурчево. (Пие и му го подава на Митрета, а потоа зема од мезето).
„Парите се отепувачка“ од Ристо Крле (1938)
А вие не прегледувате: со мезе, без мезе, муренкојца, сливојца, коминојца... Само тури да се лока!...
„Парите се отепувачка“ од Ристо Крле (1938)
По завршувањето на обичаите килерџиите почнуваат да ги служат гостите со вино, ракија и мезиња: бонбони, леблебии и суво грозје.
„Антица“ од Ристо Крле (1940)
Ристе веќе донесе и мезе. He како кај Лесната: само сирење и јајца, ами извади, пезевенкот, и разни шарени шеќери, суво грозје, леблебија, смокви, та дури и еден пјат сторени пиперки.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Но затоа пак денеска, на пладнина, се оди в црква со леб, со подароци, ракии, вина, мезиња и тука им е местото на сите. Особено на момите.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
И тие носат погачи, булиња, ракии и разни мезиња, та и тука, како во црквата, треба да се види која е пофарк во домаќинлакот Билјарките и овде излегоа пофарк.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Овие рипки можат да се видат на сите трпези. Богатите ги пржат или печат јадејќи ги како мезе со вино.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Многумина си порачаа и понешто за јадење од сува храна — конзерви риби, разни суџуци, пастрма и сиренце и така, со мезето ја сврзаа вечерата да поминат на вино и да преседат докај полноќ на јасникот.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
АНГЕЛЕ: Не сакам. Маж без пари, жена без цицки и ракија без мезе не оди.
„Диво месо“ од Горан Стефановски (1979)
Барав некое крчмиче, како кај нас, со шишенце ракија и мезе од домати и краставички и лути пиперчиња.
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
Седи во топло без мантија -голтка по голтка лута ракиичка и мезе од недосторени краставици - оној Марко Проказник е мрднат, во некое утро ќе го најдат пци во валуга.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Пијат мастика, голо и без мезе, рударски.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Локајте, братучеди, Арсо ќе ни донесе мезе од снаата.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
За мезе имаа пивтија и печено чадено суво свинско месо и луканки што им ги носеа жените, а по вино, со котлиња и со котли, сами си одеа.
„Крстот камбаната знамето“ од Мето Јовановски (1990)
Се наведнал кон најблискиот и му шепнал какво мезе ќе им донесе Арсо Арнаутче.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
- И од пред мене, - вели баба ми, а малку понатаму седи дедо ми крснозе, пред него мезе и пагурчето со ракија, пуши на луле од кочанка и го сука мустаќот.
„Балканска книга на умрените“ од Мето Јовановски (1992)
Мајка ми донесе ракија и мезе, нешто подизбриша и замина. – Сироти пролетери, со козите ќе стигнеле до Америка и Англија, кај ни е крајот? – започна Чанга. – Шегата настрана, со Сталин не се знае!
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Келнерот донесе и мезе, туршија од минатата година.
„Атеистички музеј“ од Луан Старова (1997)
Повеќе