портретира св. и несв.

портретира (св. и несв.)

Тој таа вечер раскажуваше бесрамни нешта, кои се премолчуваа во секој дом и во секое друштво кое не припаѓаше на самото дно на општеството; дури и кога пријателите на Берта се обидуваа барем малку да го насочат разговорот на друга страна, па го прашуваа за тоа каде ги направил првите слики по нарачка, тој зборуваше како на петнаесет години во некоја јавна куќа насликал неколку актови на ѕидовите, а потоа раскажуваше што сѐ правел таму освен што сликал; го распрашуваа кого портретирал изминатите години, а тој ги набројуваше портретите на сопругите на месарите, банкарите, докторите и професорите, и помалку зборуваше за портретите, а повеќе за тоа што сѐ правел со портретираните.
„Сестрата на Сигмунд Фројд“ од Гоце Смилевски (2010)
Адолфина, паулина, марие и роза - сал една би била вишок во драмата на чехов а сите се отпишани од тефтерот на брат им зигмунд фројд отла и кажува на адолфина дека ги довеле во логорот во терезин и дека е најдобро тука да останат што подолго отла и кажува на адолфина дека храната е еднолична, катаден супа од леќа а попатно и спомнува дека има брат по име франц кафка адолфина веќе почна во себе да го портретира кафка мачејќи се во шеширот да му ја смести ергенската несреќа - во бараката на трудниците несреќата има друго име во предвечерјето на смртта и без месечина јасно се гледа дека црното млеко не е поетска измислица под црно сонце во црна темница четирите сестри на зигмунд фројд спокојно го чекаат црниот воз кон невратот рано в зори и не го забележаа брат им зигмунд како нервозно се тртка лево-десно на перонот пред да си ја испрска совеста во ѓолчето од сестрински солзи.
„Ситночекорка“ од Ристо Лазаров (2012)