среде (прил.)

Го искапа бабата. Кога го вршеше ова среде тишината темна, монотоно сите ги редеше маки на Јова, в потсмев кон сладоста земна.
„Сердарот“ од Григор Прличев (1860)
Вбесен, одненадеж среде виковите диви се јави коњик со јунаци десет.
„Сердарот“ од Григор Прличев (1860)
На смртен тој никако веќе не личеше среде оние борбени часој. Под сабјата негова паѓаше Албанец беден - како под српови класој.
„Сердарот“ од Григор Прличев (1860)
Националната бугарска целина, во која се однесуваа Бугарија, Тракија и Македонија, не може да се зачува, зашто нема таков етнографски центар што може здраво да ги соедини тие три земји, како што се соединети српскохрватските земји, нема среде тие земји едно најраспространето и еднакво оддалечено од сите нивни краишта наречје што да ги привлекува околу себе периферните наречја и да распространува општо национално сознание меѓу сите што зборуваат на тие наречја.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Среде тој бескраен спор помеѓу двата братски соседни народа македонското словенско население, заради кое тие се караат, малце по малце зрее во националното самосознание и сака да се ослободи од покровителството на соседните народи за да може само да си биде вршител на своите судбини.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Лево, напред, врата, а во дното долап; меѓу прозорците огледало од горе малку спуштено и украсено со крпа со домашен вез во форма прозорец со расечена завеса и од горе на среде преврзан со корделка.
„Антица“ од Ристо Крле (1940)
По патот одеа можеби пол час, а по тоа наеднаш скршнаа десно, низ пченките, право накај блатото што блескаше на сонцето среде поле.
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
Ѕид - студен и сив како есен; во напукнатиот ќош, среде танки нишки на заплеткана пајажина, се скаменил црн, влакнест пајак.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Митра ѝ притрча и ја дочека: — Бре, добре дојде, невесто Досто. — Бре, добре најду, сестрице Митро. И се избакнаа тука среде двор.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Ти што седиш на брегов мој ела среде мене и молчи.
„Вардар“ од Анте Поповски (1958)
Во дни, нејаки од жештина за да се скратат самите себе, козата на некој железничар, ојарила на среде улица животинче со две глави; на стаклата на градската аптека се појавила богородица, гола и со шашливи очи; еден старец по трет пат се разбудил во својот живот со млечни заби.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Среде голем квадрат, од разноцветни углачени плочки - за танц...
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Овој врел и мрачен гроб среде пустината или она што секако треба да е минатост, минатост што така дрско продира во него и го напушта тогаш кога му е најпотребна.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Велеа: „Таа“, веднаш после тоа, кога главниот инженер отишол дома, а оној, Ристан, не можел да биде скриен, како што ги криела до тогаш сите други, бил огромен за да може да биде засолнет некаде, стоел среде собата, а таа висела, како играчка на неговиот врат, здрвен и со отпуштени раце, целиот грч, пред да се впушти во она, каде што го повикувал допирот од нејзините колкови: „Дојди колкав си, одлупи ме, сева, стори ме црвена, усвити ме, како да сум била в постела со сонцето, дојди...
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Денот сега си заминуваше зад некој срт пред него, како некој што те остава на среде река, без да ти ја подаде раката, и тука беше попусто секое довикнување.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Сега беа тројца во оваа собичка, а само по малку двајцата ќе си заминат по тој врнеж, а едниот ќе остане тука сосема сам среде таа дивина.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Застаната среде ходникот загледуваше долж во сите осум врати, а очите ѝ се наполнија со солзи.
„Градинче“ од Бистрица Миркуловска (1962)
Среде софрата седна човек со убави мустаќи и долга густа црна брада. Тоа беше штипскиот учител Даме Груев.
„Гоце Делчев“ од Ванчо Николески (1964)
Во уводот, на една прошетка по старо Скопје, до Старото кале на кое се наоѓа црквата „Свети Спас“, писателот ја открива својата намера: „Тука, среде црквата, во ореов сандак, нарежан на шари, лежи еден војвода“.
„Гоце Делчев“ од Ванчо Николески (1964)
Среде турската „Баш чаршија“ имало неколку големи кафеани.
„Гоце Делчев“ од Ванчо Николески (1964)
Повеќе